Фото: ЕПА

Победникот на Австралија опен годинава има 15 победи во низа, а барем толку триумфи по ред во почетокот на една година имаат само уште Ѓоковиќ, Федерер, Надал, Сампрас и Агаси

ТЕНИС

Новак Ѓоковиќ, Роже Федерер, Рафаел Надал, Пит Сампрас и Андре Агаси, како и Јаник Синер, се единствените тенисери од 1990 година, од кога е воспоставен овој натпреварувачки календар, кои почнале една сезона со најмалку 15 победи по ред. Совршениот почеток на сезоната на Синер со 15 победи во низа го смести во ова елитно друштво, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата официјална интернет-страница.
Со евентуална трета титула во низа од почетокот на годинава на турнирот што се игра во Индијан Велс (САД) Синер (синоќа настапи во четврт-финалето) би остварил 18 победи во низа годинава, со што би ги надминал на листата Федерер (17-0 во 2018 година и 16-0 во 2016-та) и Сампрас (17-0 во 1997 година), пишува АТП.
– Никогаш не ги земам работите здраво за готово. Секој турнир, секој натпревар кога одите на теренот, се обидувате да дадете сѐ од себе, да останете ментално фокусирани. Тоа е она што јас се обидувам да го направам. Секој ден имам различен противник – вели Синер.
На неговиот прв турнир сезонава, Австралија опен, Синер ја освои својата прва гранслем-титула. Откако ги загуби првите два сета во финалето на „Мелбурн парк“ од Данил Медведев, Синер освои 18 од неговите изминати 19 комплетирани сета, пишува АТП. Единствениот сет што во тој период го загуби беше во второто коло на турнирот во Ротердам, против Гаел Монфис. Г.И.


НЕПОРАЗЕНИ ВО ПОЧЕТОК НА СЕЗОНА (ОД 1990 Г.)

ТЕНИСЕР ГОД. НИЗА
Новак Ѓоковиќ 2011 41
Новак Ѓоковиќ 2020 26
Рафаел Надал 2022 20
Новак Ѓоковиќ 2013 17
Роже Федерер 2018 17
Пит Сампрас 1997 17
Роже Федерер 2016 16
Андре Агаси 1995 15
Новак Ѓоковиќ 2023 15
Јаник Синер* 2024 15
* активна серија Извор: АТП