Полјачката Швјонтек по турнирот во Мајами ќе ја преземе првата позиција на ВТА-листата, по повлекувањето на Австралијката Барти

ВТА-ЛИСТА

Трикратната гранслем-победничка, Австралијката Ешли Барти (25) го најави своето неочекувано пензионирање претходната недела, велејќи дека наместо тенис, ќе „брка други соништа“. Таа беше број еден во светот 114 недели во низа. Ига Швјонтек од Полска, пак, е првата полска тенисерка што ќе го предводи рангирањето на женската ВТА-листа од април со 20 години и 308 дена, пишува „Би-би-си“.
– Никогаш не го замислував тој момент, оти, за волја на вистината, тренирав ден за ден и играв добро тенис. Но никогаш не сум имала силна верба дека всушност може да се случи тоа. Значи, за мене е уште понадреално – вели Швјонтек.
По освојувањето на титулата на турнирот во Индијан Велс минатата недела, што ја однесе до број два во светот, Швјонтек ја продолжи својата најдобра серија од 12 победи во кариерата, со триумфот од 6-2 6-0 против Швајцарката Викторија Голубиќ, на турнирот Мајами опен. Победата ѝ гарантираше на Швјонтек, која се прослави со освојувањето на Отвореното првенство на Франција, Ролан Гарос, во 2020 година, дека ќе го преземе првото место од Барти кога ќе се појави новата ранг-листа на 4 април. Зборувајќи за можноста Швјонтек да стане број еден по нејзиното пензионирање, Барти рече: „Ако е Ига, нема подобра тенисерка. Таа е неверојатна личност, одличен играч. Начинот на кој ја донесе оваа свежа, бестрашна енергија на теренот беше неверојатен. Таа целосно го заслужува тоа. Се надевам дека ќе може да го преземе врвот и да го направи тоа на свој начин и да го оствари она што го бара во нејзината кариера и соништа“, истакна Барти.
Швјонтек ќе биде втората најмлада тенисерка што се искачила на тронот на женскиот тенис, по Данката Каролина Вознијацки од 2010 година.