Турнирите ќе траат од недела до 24 август, ќе играат 206 шахисти и 103 шахистки. СП има невиден награден фонд од 2,5 милиони долари, а од шампионатите за мажи и за жени првпат првите тројца играчи и од двете конкуренции ќе се пласираат за турнирите на кандидати за предизвикувачи на светските прваци во 2024 година
Шаховската елита се пресели во Баку (Азербејџан), каде што ќе настапи на Светското првенство, со невиден награден фонд од 2,5 милиони долари, а од шампионатите за мажи и за жени првпат првите тројца играчи и од двете конкуренции ќе се пласираат за турнирите на кандидати за предизвикувачи на светските прваци во 2024 година, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Турнирите ќе траат од недела до 24 август. Форматот на настанот беше променет на претходниот во Сочи, во 2021 година, со додавање дополнително коло, што овозможи да се зголеми турнирот за мажи од 128 на 206 натпреварувачи. На женскиот турнир ќе учествуваат 103 шахистки. Настанот годинава носи уште една промена, па наместо првите двајца, најдобрите тројца играчи ќе се квалификуваат за претстојниот Турнир на кандидати, кој ќе се одржи во април во Торонто (Канада).
СП 2023 ќе биде од посебен фокус за Магнус Карлсен, актуелниот светски број еден беше трет на претходниот турнир, досега не го освоил СП, па дури и никогаш не се пласирал во финалето, изненадувачки, со оглед на тоа што освои сѐ друго во шахот што треба да се освои, пишува ФИДЕ.
Иако ова ќе биде десетто натпреварување за мажи, настанот во Азербејџан ќе биде само втор од ваков вид за жени (првиот беше во Сочи во 2021 година).
Одлуката за зголемување на бројот на играчи значеше дека првите носители ќе се приклучат од 2. коло. На листата на први носители се сите најдобри и најсилни во светот, освен актуелниот светски шампион, Динг Лирен, и шестиот на рејтинг-листата на ФИДЕ во јули годинава, Алиреза Фирузја. На машкиот турнир, меѓу другите, ќе играат: Карлсен, Јан Непомнијашчи, Фабијано Каруана, Хикару Накамура (кој доби вајлд-карта), Аниш Гири, Весли Со, Гукеш Д, Максим Вашер-Лаграв, Тимур Раџабов, Шахријар Мамедјаров, Јан-Кшиштоф Дуда (бранител на титулата)… На турнирот за жени сите погледи ќе бидат вперени во Ју Венјун, актуелната светска шампионка, и во кандидатката од 2020 година, Александра Горјачкина, а ќе настапат, меѓу другите, и Александра Костенјук, Тан Жонгји, Марија Музичук, Ана Ушенина, Хампи Конеру, Катерина Лагно, Ана Музичук, Нана Џагнидзе…
СП во Баку ќе биде единствената можност за многу играчи да се пласираат за Турнирот на кандидатите. За шаховскиот свет, ова ќе биде можност да биде сведок на некои најневеројатни мечеви, бидејќи помалку познатите играчи од целиот свет ќе имаат шанса да се борат и да ги изненадат врвните светски шахисти.
СП се одржува од 2005 година, на секои две години. Првото СП за жени беше организирано во 2021 година. Н.М.