Се одржа училишно првенство и во Аеродром, шаховски штанд имаше на Детскиот саем

Наша цел е вакви натпревари да се одржуваат секоја година, а во текот на годината да организираме и поголем број турнири на ниво на училиште или помеѓу училишта, вели претседателот на Шаховскиот сојуз на градот Скопје, Миновски

По општината Центар, Аеродром е втората скопска општина во која се одржа општинско првенство во шах за ученици од основните училишта. По турнирите на ниво на секое училиште, на финалниот турнир настапија околу 150 деца, поделени во две возрасни категории, од прво до петто и од шесто до деветто одделение.
– Аеродром е една од општините во кои шахот во училиштата беше многу добро прифатен, наиде на поддршка од општината и веќе е воведен во голем број училишта. Се надевам дека општинските власти и во иднина ќе прават напори да ги поддржат и финансираат шаховските активности. Наша цел е вакви натпревари да се одржуваат секоја година, а во текот на годината да организираме и поголем број турнири на ниво на училиште или помеѓу училишта. Во одлична натпреварувачка атмосфера, во категоријата од прво до петто одделение победи Стефан Дариан Донев, а во категоријата од шесто до деветто одделение Бруно Цоневски, и двајцата од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“. Се играа пет кола, со темпо од 10 минути по играч за цела партија – ни изјави претседателот на Шаховскиот сојуз на градот Скопје, Ѓорѓи Миновски. Од септември лани шахот е на листата изборни предмети во основните училишта во Македонија за прво, второ, четврто и за петто одделение. Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и годинава продолжува со обука на наставничкиот кадар по предметот Шах.
Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), со свој посебен штанд беше дел од првиот детски саем, кој се одржа во саботата во Скопје.
– На Детскиот саем, покрај другите, имаше и шаховски штанд, каде што сите заинтересирани беа информирани за шаховските активности, а беа делени и промотивни материјали, програми и летоци насловени „Одбери шах“. Заинтересираните деца имаа можност да одиграат и понекоја партија шах со македонските шахисти Стојанче Димковски, Леонид Петрески, Кристијан Лазовски, Ивана Манова, Моника Жежовска и Инџи Ајрадиноска, кои беа и презентери на шаховскиот штанд – изјави Миновски.
Истовремено во приватното основно училиште „Јахја Кемал“, каде што шаховски тренер е Орце Данчевски, беше организиран саем за деца.
– Ова беше прекрасна можност децата и нивните родители да се запознаат и со предметот Шах, односно со проектот „Шах во училиштата“, кој е од витална важност за развој на македонскиот шах. Имавме посебен штанд, на кој беа делени промотивни материјали по предметот Шах и со тоа придонесоа уште повеќе да се рашири позитивата страна по овој предмет – рече Данчевски. Г.И.