Македонскиот велемајстор пред почетокот на турнирот во Германија е рангиран на шестото место меѓу 193 учесници

ШАХ – ПО ТРИ КОЛА НА ТУРНИРОТ ВО ДОРТМУНД

Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (2.567 рејтинг-поени, моментално 288. играч во светот), кој од годинава фигурира на листата на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и ќе ги брани боите на Македонија на првата табла на претстојната Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта годинава, по три одиграни кола на традиционалниот 51. по ред турнир во Дортмунд (Германија) е на 11-то место, со 2,5 поена. Романов, кој е ВМ од 2007 година, по потекло е од Русија, а од 2022 до 2024 година беше на листата на Шаховската федерација на Норвешка. Тој во Дортмунд пред почетокот на турнирот е рангиран на шестото место во конкуренција на 193 учесници (13 ВМ, еден ЖВМ, 13 ИМ, еден ЖИМ, 23 ФМ, еден ЖФМ, пет КМ) од 29 држави, додека прв фаворит е ВМ од Украина, Антон Коробов (2.648).
Романов, кој триумфираше на традиционалниот меѓународен турнир Скопје опен 2023, во конкуренција на 128 шахисти/ки (14 ВМ) од 20 држави, во првото коло го совлада Холанѓанецот Јаспер Звирс (2.088), во второто Германецот Маркус Бохме (2.138), а во третото ремизира со ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Кристијан Глоклер (2.289) од Германија. Вчера, во четвртото коло од предвидените девет, требаше да игра со ФМ Моритц Веисхаутел (2.400, рангиран на 21-то место) од Германија, кој моментално е прв со уште девет шахисти, сите со по три поени. Минатата година на овој турнир славеше германскиот ВМ со руско потекло Александар Донченко. Г.И.