По четири кола, водат Германецот Сване и Шпанецот Чигаев, со по максимални четири поени, а Романов е осми, со 3,5 поени. Шахистите на ЕП 2024 играат за титулата европски шампион, но и за 20 квалификациски места за настап на Светскиот куп на ФИДЕ за 2025 година

ШАХ

Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (2.584 рејтинг-поени, рангиран 54. пред почетокот на турнирот), продолжува со одличните игри на 24. поединечно Европско првенство (ЕП) во шах, кое се одржува во Петровац (Црна Гора).
Челната табла на репрезентацијата на Македонија, во четвртото коло од предвидените 11, ја забележа и третата победа, овој пат на дуелот со интернационалниот мајстор (ИМ) од Романија, Јегор Лашкин (рејтинг 2.518, рангиран 93. пред ЕП).
Во отворањето „Примен дамин гамбит“ (варијанта 4. …- е6), Лашкин водејќи ги белите фигури се предаде во 40-от потег. Во петтото коло играно вчера Романов како „бел“ на петтата табла играше со ВМ од Турција, Едиз Гурел (2.635, рангиран на 25-то место).
По четири кола, на ЕП 2024 на табелата водат Германецот Фредерик Сване (2.654, рангиран 11. пред почетокот на Европското првенство) и Шпанецот Максим Чигаев (2.605, рангиран 43.), со по максимални четири поени. Романов е на делба од третото до 20-то место (осми според дополнителниот критериум) со 3,5 поени.
Шахистите играат за титулата европски шампион во класичен шах, но и за 20 квалификациски места за настап на Светскиот куп на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2025 година, пишува Европската шаховска унија (ЕЦУ) на својата интернет-страница.
На годинашниот континентален шампионат во Петровац играат 388 шахисти од 42 држави, од кои 119 се велемајстори. Г.И.