Доколку триумфира Примож Роглич, ќе се израмни со Роберто Ерас, кој има победено во 2000, 2003, 2004 и во 2005 година

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ПРЕД 77. ИЗДАНИЕ НА ВУЕЛТА

Трикратниот победник на шпанската Вуелта, последната од трите грантур-трки годинава (по Џиро д’Италија и Тур де Франс), Словенецот Примож Роглич, ќе биде дел од тимот на Јумбо-Визма на тринеделната трка што ќе стартува в петок и ќе трае до 11 септември.
Со тоа им беа ставени крај на сомневањата и на стравувањата дека тој ќе ја пропушти Вуелта поради повреда. Но спортскиот директор на тимот, Меријн Земан, сепак потврди дека Роглич ќе биде дел од тимот составен од осум велосипедисти. Роглич беше еден од фаворитите за триумф на Тур де Франс, но се повреди на етапата што се возеше на калдрма во северна Франција, па пред 15-та етапа се повлече.
Годинашното 77-то издание на Вуелта (првата трка е возена во 1935 година) ќе започне во Утрехт. Првите три етапи ќе се возат во Холандија, а завршницата е во Мадрид, Шпанија. Велосипедистите од 23 тима за 21 етапа ќе треба да извозат 3.280 км.
Роглич победи на последните три изданија на Вуелта (2019, 2020 и 2021), победувајќи притоа на девет етапи. Доколку победи и годинава, тој ќе се израмни со Шпанецот Роберто Ерас, кој има триумфирано во 2000, 2003, 2004 и во 2005 година. Но последната победа му беше одземена поради обвинение за допинг, па откако се жалеше пред шпанскиот суд, победата му беше потврдена во 2012 година. По три победи на Вуелта, покрај Роглич, имаат забележано уште Шпанецот Алберто Контадор (2008, 2012 и 2014) и Швајцарецот Томи Ромингер (1991, 1992, 1993).
Лидерот на Вуелта последните години, од 2000-та, па наваму ја носи „црвената маичка“. Но на почетокот, во 1935 година, таа беше портокалова, во 1941 година беше бела, во 1942 повторно портокалова, а од 1945 до 1950, маичката беше бела со црвена лента. Помеѓу 1950 и 1997 година беше иста како и на Тур, жолта маичка. Во 1998 година, на жолтата лидерска маичка ѝ беше додадена темнозлатна боја, за во 2010 година бојата на маичката да се смени во црвена. Л.Д.