Фото: Игор Бансколиев

Во категориите од 8 до 18 години во Струга учествуваат вкупно 121 шахист и 32 шахистки. Порастот се должи и на проектот „Шах во училиштата“, отворањето нови шаховски клубови и шаховски простории, активноста на шаховските школи, организирање повеќе турнири, настапи на меѓународни турнири, сѐ поприсутните интернет-турнири итн.

Од изминатава сабота, па до 23 јуни, во Струга ќе се одржуваат младинските првенства на Македонија во категориите до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години, за момчиња и за девојчиња, со учество на вкупно 121 шахист и 32 шахистки.
Ова е и најголема бројка на учесници на младинските шампионати во претходните три години, и кај момчињата и кај девојчињата, што може само да радува, а секако е резултат и на проектот „Шах во училиштата“, отворањето нови шаховски клубови и нови шаховски простории, активноста на шаховските школи, потоа организирањето повеќе турнири, кои ги водат истакнати македонски шахисти, настап на меѓународни турнири, сѐ поприсутните интернет-турнири итн.
Ако се погледне споредбено, годинава има 44 момчиња повеќе од лани, во сите категории, а од 2021 година дури 56. Годинава во конкуренција на шахисти најмногу учесници има во категоријата до 14 години (29), а најмалку во категоријата до 18 години (13).
Кај девојчињата, пак, годинава во однос на лани има осум шахистки повеќе (во категоријата до осум години лани немало ниту една шахистка), во однос на пред две години седум повеќе. Годинава најмногу има во категоријата до 12 години (10), а најмалку до 18 години (две). Г.И.