Дино Табаковски

Другите четворица македонски претставници доживеаја порази во четвртото коло од повисокорангирани шахисти

ШАХ – 23. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Дино Табаковски (1.692, рангиран 477.) е единствениот македонски шахист што забележа победа во четвртото коло и со тоа го впиша својот прв поен на 23. Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое се одржува во Врњачка Бања (Србија), меѓу 484 шахисти (40 шахистки), од кои 126 се велемајстори (ВМ). Тој со црни фигури го победи Србинот Владан Митровиќ (1.871, 455.), додека другите четворица македонски претставници доживеаја пораз од објективно повисокорангирани шахисти.
Антон Златков (2.174, рангиран 360. на ова ЕП) загуби од грузискиот интернационален мајстор (ИМ) Гаиоз Нигалидѕе (2.248, 167.), Стојан Велкоски (1.868, 445.) од литванскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Пијус Стремавичиус (2.383, 224-ти), ФМ Роберт Велески (2.106, 393-ти) од турскиот ФМ Ердем Гундуз (2.286, 292.), додека Давид Николовски (1.860, 458.) од српскиот ИМ Радоје Иризанин (2.288, 291.). По четири одиграни кола, од предвидените 11, Златков е 224-ти со два поена (плус 22 р.п.), Велкоски е 356-ти со 1,5 поен (плус 50 р.п.), Велески е 441. со еден поен, колку што има и Табаковски, кој е 425-ти (плус 23,6 р.п.), додека Николовски без освоен поен е на 472-то место.
На врвот со по максимални четири поени избија Азербејџанецот Елтај Сафарли (2.608, рангиран 44-ти на ова ЕП), Украинецот Антон Коробов (2.656, рангиран 18-ти) и поранешниот (ФИДЕ) светски првак (2002-2004), Украинецот Руслан Пономарјов (2.655, рангиран 19-ти).
Најдобропласирана шахистка на 39-то место со три поени (две победи и две ремија) засега е Русинката Александра Горјачкина (2.576, рангирана 62.), која во 2015 година ги бранеше боите на македонскиот женски клуб Гамбит Асеко Се, кој, пак, таа година го освои сребрениот медал на Европскиот клупски куп (ЕКК) одржан во Скопје. Г.И.