Првата трка е в недела, во Бахреин. Сезонава ќе има најголем број трки досега во една сезона, вкупно 23 (ќе има и шест спринт-трки), во 20 земји, на пет континенти. Ферстапен ќе се обиде да го направи она што го постигнале само легендарните и најдобри неколку во историјата на Формула 1, а тоа е освојување три светски титули едноподруго. Ќе има промени во некои правила и во болидите, а пред возачите има и многу рекорди за соборување. Проширувањето на календарот доведе и до тоа да има трки во два викенда по ред, а во некои случаи и во три викенди по ред
Со денешните први тренинзи, утрешниот тренинг и квалификации и првата трка в недела (од 16 часот), во Бахреин, почнува 74-та сезона во Формула 1 (Ф1), најдолгата во историјата на спортот. Актуелен првак е Макс Ферстапен, кој лани ја имаше една од најдоминантните сезони во историјата на Формула 1, во која стигна до неговата втора светска титула соборувајќи го рекордот за број на победи во една сезона.
Сезонава ќе има најголем број трки досега во една сезона, вкупно 23, во 20 земји, на пет континенти. Формула 1 одреди и шест спринт-трки, двојно повеќе од 2021 и 2022 година. Во Ф1 спринт стандардната едночасовна квалификациска сесија е поместена во петоците, поставувајќи ги стартните позиции за трка од 100 километри во саботите, која, пак, го одредува почетниот редослед за главниот настан во неделите. Сезонава спринтовите ќе се одржат во Азербејџан, Австрија, Белгија, Катар, САД и во Бразил. Изборот за 2023 година дојде по истражувањето на најсоодветните патеки за форматот, вклучувајќи можности за претекнување, блиска трка и делови со голема брзина, пишува Ф1.
По три месеци исчекување, тестирањето помина, кое, пак, даде исто толку прашања колку и одговори за релативниот потенцијал на перформанси што постои на теренот. Ферстапен ќе се обиде да го направи она што го постигнале само легендарните и најдобри неколку во историјата на Формула 1, а тоа е освојување три светски титули едноподруго. Уште повеќе, тие би биле неговите први три титули, а таков подвиг претходно постигна само Себастијан Фетел, пишува Формула 1. По три или повеќе титули во низа имаат Хуан Мануел Фанџо, Михаел Шумахер, Фетел и Луис Хамилтон.
Минатата година беше првата со новиот сет технички прописи, единствената најреволуционерна промена на болидите во историјата на спортот, новите технички правила воведени лани беа со цел да се направи трката поблиска и поконкурентна, а помеѓу промените, сите внимателно планирани за да им се даде шанса на помалите тимови да стигнат до поголемите, беа и ограничувањата за аеродинамичкото истражување, кои се обратнопропорционални со успехот на тимот, пишува „Би-би-си“. Според овие правила, водечкиот тим во првенството добива најмал број дозволени аеродинамички истражувања, а најмалку успешните, најмногу.
За новата сезона, на пример, приспособени се висината на возењето и дифузерите, има измени во безбедносните стандарди за обрачите на болидите, болидите се со намалена тежина, има промена на ретровизорите, бројот на часови одработени од членовите на Ф1-тимот за време на тркачките викенди ќе се намали, има ревидиран квалификациски формат, одредни се нови температури на горивото во автомобилот во Формула…
Пред возачите, пак, има и многу рекорди за соборување, како тие за најмногу титули (Шумахер и Хамилтон имаат по седум), најмногу хет-трика во кариерата (победа, пол-позиција и најбрз круг на иста трка, Шумахер води со 22, Хамилтон има 19), најмногу гранслемови во кариерата (пол-позиција, победа, најбрз круг и водство во секој круг во една трка, Џим Кларк има осум, Хамилтон шест), најмногу поени во една сезона (Ферстапен го постави овој рекорд со 454 поени од 596 можни во 2022 година), најмногу подиуми во една сезона (Ферстапен 18 во 2021 година), најмногу последователни трки во водство во вкупниот пласман во шампионатот (Шумахер 37, Ферстапен има 17)…
Проширувањето на календарот за годинава доведе да има трки во два викенда по ред, а во некои случаи и во три викенди едноподруго. Ќе има вкупно тројца дебитанти сезонава, и тоа Оскар Пијастри, Ник де Ври и Логан Сарџент.