Моментно сум на карате-камп во Швајцарија, на подготовки за Светските игри во САД, на кои се квалификував со освоеното второ место на Светското првенство. На Игрите обезбедија пласман првите тројца од последното Светско првенство, четворица од актуелната светска ранг-листа и еден претставник од земјата-домаќин, вели Павлов

КАРАТЕ

Најдобриот македонски каратист Емил Павлов е пред нов голем предизвик. Двократниот европски првак (од Тампере во 2014 година и од Нови Сад во 2015 година), двапати трет (во Монпелје во 2016 година и во Гвадалахара во 2019-та), носител на бронза од Европските игри (Баку, 2015 година) и светски вицепрвак од Дубаи 2021 година, првпат ќе настапи на 11. Светски игри (СИ) во Бирмингем (САД, од 7 до 17 јули).
– Моментно сум на карате-камп во Швајцарија, на подготовки за Светските игри во САД. Кампот е сместен во градот Бург, блиску до Цирих, а го води младиот Шпанец Раул Kуерва Мора, кој пред една година почна како тренер. Условите за тренинг се одлични, од сместувањето до храната. На кампот има каратисти од повеќе земји, Шпанија, Швајцарија, Јапонија, Ирска, Кипар, Јордан, Луксембург и други држави. Дојдов на 20 јуни, ќе бидам до 28-ми, а на 4 јули треба да патувам на Игрите во Бирмингем. Јас сум единствениот македонски каратист што обезбеди настап на овие Игри, а се квалификував со освоеното второ место на последното Светско првенство. На Игрите обезбедија пласман првите тројца од последното Светско првенство, четворица од актуелната светска ранг-листа и еден претставник од земјата-домаќин – вели Павлов.
За Павлов овие Игри се многу корисни за кревање и за усовршување на натпреварувачка форма, особено кога станува збор за дуели со каратисти од различни држави.

– Овој камп е добар за кревање на мојата самодоверба, како и промената на спаринг-партнерите, што е, пак, многу корисно кога се бориш со повеќе каратисти од разни држави. Тренираме двапати на ден, тренинзите се многу напорни, но многу квалитетни, содржајни и корисни – појаснува Павлов.
Светските игри се меѓународен мултиспортски настан, кој опфаќа спортови и спортски дисциплини што не се на програмата на летните олимписките игри (ЛОИ). Се одржуваат секои четири години, односно една година по ЛОИ. Светските игри се управувани од Меѓународната асоцијација на СИ, а под покровителство на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
На овие СИ во САД ќе има меѓу 25 и 30 спорта што се вклучени во официјалната програма. Голем број спортови што беа на програмата на СИ се прекинати оти сега се вклучени на ЛОИ. На Игрите во САД ќе учествуваат над 3.630 спортисти од 109 држави во 30 спорта.
СИ се разликуваат од другите мултиспортски настани како што се ЛОИ и по тоа што градовите-домаќини не се обврзани да градат нови места или објекти за Игрите.  Натпреварувачите ги избираат меѓународни спортски федерации. Во повеќето дисциплини, квалификациите се со врвен пласман на СП или на квалификациски турнир. Ова е наменето за да се обезбеди врвни спортисти да се натпреваруваат во еден спорт на Игрите. Првите СИ се одржаа во Санта Клара (САД) во 1981 година, а поради ковид-19, наместо во 2021 година, сегашниве СИ во Бирмингем се одржуваат годинава. Г.И.