Се очекува во Струга да дојдат околу 500 шахисти/ки од целиот свет

ШАХ

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) со задоволство ги покануваат сите федерации-членки на ФИДЕ и екипите што ги исполнуваат условите да се пријават на 31. Светско екипно првенство во шах во категориите над 50 и над 65 години, кое годинава (18-29 септември) ќе се одржи во Струга – се наведува во соопштението на ФИДЕ. СП ќе се игра во машка и женска конкуренција, а предвидено е посебно првенство за жени доколку учествуваат најмалку десет екипи од најмалку два континента. Во спротивно тие ќе играат на отворениот турнир заедно со шахистите.
Федерациите членки на ФИДЕ имаат право да испратат колку што сакаат екипи. СП се игра на четири табли (четири шахисти/ки, со една резерва), со класично темпо на размислување. Крајниот рок за пријавување е 31 јули 2023 година, а се очекува во Струга да дојдат околу 500 шахисти/ки од целиот свет.
Минатата година ова екипно сениорско СП се одржа во Италија. Во категоријата над 50 години (настапија 50 селекции) и во категоријата над 65 години (23 селекции) триумфираа репрезентациите на Англија.
Македонија, како што е познато, многупати во минатото се покажала како одличен домаќин и организатор на многу шаховски настани од највисок ранг, како што беа Шаховската олимпијада (ШО) во 1972 година, турнирите „Средба на солидарноста“, Европското поединечно првенство (ЕП) во 2001 и 2019 година, трипати (2009, 2015, 2021) Европскиот клупски куп (ЕКК), ЕП во забрзан и во брз шах (2018), како и повеќе силни турнири. Г.И.