УТРЕ ПОЧНУВААТ ЗИМСКИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПЕКИНГ

Церемонијата на отворањето на 24. Зимски олимписки игри (ЗОИ) 2022-та во Пекинг почнува утре напладне по средноевропско време, во режија на Џанг Јимао, кинематограферот трипати номиниран за наградата „оскар“, кој беше задолжен за церемониите на отворањето и на затворањето и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2008 година.
Местото на настанот е на истиот стадион, „Птичје гнездо“, кој беше изграден за Игрите во 2008 година во Пекинг, првиот град домаќин на ЛОИ и на ЗОИ во историјата.
Церемонија ќе се фокусира на официјалното мото на Игрите, „Заедно за заедничка иднина“, односно на предизвиците со кои се соочува светот, како што се пандемијата на ковид-19 и глобалното затоплување, пишува „Евроспорт“. На Игрите во Пекинг се очекува да настапат околу 2.900 спортисти од 90 земји, од кои 55 отсто ќе бидат мажи, а 45 отсто жени, најмногу досега.
Тие ќе се натпреваруваат на три главни локации и на 13 спортски борилишта, во Пекинг, Јанкинг и во Џанџакоу, во седум зимски спорта (биатлон, боб, карлинг, хокеј на мраз, санкање, лизгање и скијање), во 15 дисциплини и во 109 натпревари. Натпреварите на ЗОИ 2022 почнаа вчера, во карлинг, а денеска има и во уметничко лизгање и хокеј на мраз.
Како и лани на ЛОИ во Токио (Јапонија), ќе нема посетители од странство. Организаторите уште во јануари објавија дека ќе нема билети во слободна продажба. Спортистите, тренерите, официјалните лица и новинарите што ќе присуствуваат на Игрите во Пекинг се обврзани да бидат вакцинирани против ковид-19. Исклучоците ќе се проценуваат „од случај до случај, врз основа на медицински причини“. Покрај вакцината, ќе бидат потребни и секојдневни ПЦР-тестови на коронавирусот.


Првите Игри ретроактивно преименувани во ЗОИ

Првите зимски олимписки игри (ЗОИ), тогаш под името Зимска спортска недела, се одржани во Шамони, Франција, во 1924 година. На тие Игри настапија околу 250 спортисти (11 жени) од 16 земји, кои се натпреваруваа во 16 дисциплини. Две години подоцна, Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ретроактивно ги преименува во ЗОИ.
Во само три места двапати се одржале ЗОИ, и тоа во Сент Мориц (Швајцарија) во 1928 и во 1948 година, Инсбрук (Австрија) во 1964 и 1976-та и во Лејк Плесид (САД) во 1932 и во 1980 година, а во 2026 година ќе им се придружи италијанскиот скијачки центар Кортина д’Ампецо, кој беше организатор и на ЗОИ во 1956 година.


Норвежаните имаат најмногу медали

Меѓу спортист(к)ите што ги обележаа зимските олимписки игри (ЗОИ) во минатото предничат Норвежаните. Крос-кантри скијачката Марит Бјерген е најуспешната со 15 медали, меѓу кои осум златни, четири сребрени и три бронзени, освоени од 2002 до 2018 година. Нејзиниот сонародник Оле Еинар Бјорндален е најтрофејниот машки олимпиец на сите времиња, со 13 медали (осум злата, четири сребра, една бронза), од 1998 до 2014 година, во биатлон. Катарина Вит од Источна Германија го освои златото во уметничко лизгање во Сараево во 1984 година и во Калгари во 1988 година, со што стана првата жена што го повторила успехот во таа дисциплина по Норвежанката Соња Хени, која освои три злата по ред, во Сент Мориц во 1928 година, во Лејк Плесид четири години подоцна и во Гармиш-Партенкирхен во 1936 година. Норвешка е најуспешната земја според бројот на освоени медали на ЗОИ, вкупно 371, од кои 132 златни, 128 сребрени и 111 бронзени. Потоа се САД (307), Германија (242) итн.