Фото: Федерацијата на коњички спортови на Македонија

Според план-календарот на Федерацијата на коњички спортови на Македонија, вчера и денеска се одржа дводневен јулски коњички турнир, односно третото коло од Лига-првенството и третото коло од отвореното Првенство на Македонија во прескокнување пречки.

Во Лига-првенството во прескокнување на пречки во организација на клубот Анималс, што вчера се одржа на терените на клубот во населбата Дрма (Идризово), на програмата беа натпревари во категориите Е, А и А **, со височина на пречките од 0,7 м. до 1,1 м., и широчина до 1,3 м. Во првиот натпревар, категорија Е „штафета“, со височина од 0,7 м и широчина од 1 м., првото место го освоија Ина Илиевска со грлото „Балтазар“ и Ева Димитриевска со грлото „Киви“ и двете од коњичкиот клуб Бравадос. Втори завршија Ина Илиевска со грлото „Куакс“ и Ева Димитриевска со грлото „Ерос“ и двете од Бравадос, додека трети се Кристина Антовска со грлото „Дон Октавијан“ и Сандра Маслинко со грлото „Еландо“ и двете членки на Анималс. Во вториот натпревар од оваа категорија, т.н. ,,растечки потешкотии“, триумфираше Петар Милошевски со грлото „Надја“ од Бравадос, пред Леонида Гроздановска, која го освои второто и третото место со грлото „Џилдан“ односно „Валентино“ од клубот Анималс. Во третиот натпревар од категоријата А** со височина на пречките од 1.2 м и широчина од 1.3 м., победи повторно Леонида Гроздановска со грлото „Кардино“.

На отвореното Првенство на Македонија пак, одржано денеска на терените во Волково, а во организација на клубот Бравадос, на програмата беа натпревари во класите А, Б, Ц, Д и Е со височина на пречките од 0,7 м до 1,2 м., и широчина од 1.4 м. Во класата А, со височина на пречките од 0,7 м., најдобра беше Ева Димитриевска со грлото „Ерос“ од Бравадос, пред Кристина Антовска со грлото „Дон Октавијан“ од Анималс. Во класата Д, со височина на пречките од 0,8 м., победи Марта Димитриевиќ со грлото „Калатус“ од Илинден, втора беше Матеа Димовска со грлото „Нур“ од „Анималс“, а трета Сандра Маслинко со грлото „Еландо“ од Анималс. Во класата Ц, со височина на пречките од 1 м., триумфираше Љупка Аврамовиќ со грлото „Колпо Гросо“ од Бравадос, пред Леонида Гроздановска со грлото „Ваентино“ од Анималс и Петар Милошевски со грлото „Колдплеј“ од Бравадос. Во класата Б, со височина на пречките од 1,1 м., прв беше Петар Милошевски со грлото „Надја“ од Бравадос, пред Сиља Дуковска со грлото „Ехо“ од Илинден и Леонида Гроздановска со грлото „Џилдан“ од Анималс. И во класата А, со височина на преките од 1,2 м., победи Леонида Гроздановска со грлото „Кардино-14“ од Анималс, втора беше Сиља Дуковска со грлото „Ехо“ од Илинден, а трет заврши Петар Милошевски со грлото „Надја“ од клубот Бравадос.
Г.И.