ШФМ досега одржа обука за наставничкиот кадар по предметот Шах во Штип, Куманово, Скопје, Гостивар и во Тетово. Од септември годинава, Шахот е на листата на изборни предмети во основните училишта во Македонија за прво, второ, четврто и за петто одделение
Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) полека ги привршува обуките за наставниците што сакаат да предаваат шах во основните училишта, а во рамките на програмата „Шах во основните училишта“. Ваква обука се спроведе и во Тетово, каде што присуствуваа 34 наставници од градот и околните општини, а обуката ја држеше членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски.
– Останаа да се посетат уште неколку поголеми градови во Македонија во кои треба да се одржат ваква обуки. Досега се обучени повеќе од 100 наставници, од кои 50 веќе нѐ известија дека ќе почнат со настава по шах. ШФМ им достави материјали за реализација на часот, а наскоро ќе им бидат доставени и дополнителни алатки што ќе може да ги користат, со цел да се направи часот поинтересен, поефикасен и покорисен за децата, притоа нагласувајќи дека остануваме отворени за соработка со сите заинтересирани – информираат од ШФМ.
Од септември годинава, Шахот е на листата на изборни предмети во основните училишта во Македонија за прво, второ, четврто и за петто одделение. Учебната година е во тек, а ШФМ досега одржа обука за наставничкиот кадар по предметот Шах во Штип, Куманово, Скопје, Гостивар и во Тетово. Г.И.