Фото: ЕПА

За­се­га са­мо Не­пом­ни­јаш­чи и Ка­ру­а­на не за­гу­би­ле ни­ту ед­на пар­ти­ја, а најм­но­гу по­бе­ди (три) има Тан. Од денеска следуваат уште седум кола на двата турнира

ШАХ

По половина од Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах, во Торонто (Канада), Русинот Јан Непомнијашчи (2.758 рејтинг-поени) се врати сам на врвот на табелата, откако во седмото коло со црни фигури ремизира со Хикару Накамура (2.789) од САД во 40-от потег. И по седмото коло лидерка на Турнирот на кандидатките останува Жонгји Тан (рејтинг 2.521) од Кина, откако ремизира со црни фигури на дуелот со прворангираната, Русинката Александра Горјачкина (2.553).
Во седмото коло на турнирот за мажи, Индиецот Домарају Гукеш (2,743) ја загуби водечката позиција по поразот од Алиреза Фирузја (2.760) од Франција, кому ова му беше прва победа. Американецот Фабиано Каруана (2.803) ремизира со Прагнананда Рамешбабу (2.747) од Индија, а Нијат Абасов (2.632) од Азербејџан го стори тоа со Индиецот Гујрати Видит (2.727). Засега само Непомнијашчи и Каруана не загубиле ниту една партија. На турнирот за жени во седмото коло само една партија имаше решавачки епилог, откако Тингџие Леи (2.550) од Кина победи на дуелот со Индијката Ваишали Рамешбабу (2.475). Со реми завршија и партиите помеѓу Катерина Лагно (2.542) од Русија и Нурѓул Салимова (2.432) од Бугарија, односно Украинката Ана Музичук (2.520) и Индијката Химпи Конеру (2.546). Најмногу победи (три) засега има Тан.
Вчера беше вториот слободен ден на турнирите. Табела (мажи): Непомнијашчи 4,5, Гукеш, Каруана и Прагнананда по четири, Накамура и Видит по 3,5, Фирузја 2,5 и Абасов два поена. Табела (жени): Тан пет, Горјачкина 4,5, Лагно и Леи по четири, Салимова три, Конеру, Музичук и Ваишали по 2,5. Г.И.