За тоа кој ќе биде новиот светски првак, што ќе реши и кој би сакале да победи, направивме мини-анкета со осум истакнати македонски шахисти. Непомнијашчи доби четири гласа, Лирен еден, двајца сметаат дека шансите се еднакви…, а за тоа кој би сакале да биде светски шампион, резултатот е 4-4.
– Мала предност му давам на Непомнијашчи, само поради фактот што има поголемо искуство во вакви мечеви, инаку ќе биде неизвесно и нијанси ќе го решат победникот. Навивам за Непомнијашчи оти имам одиграно партија против него, кога во еднаква позиција успеа да ме надигра. Во секој случај, кој и да победи, кога навечер ќе оди да спие, ќе замине со мислата дека, сепак, Магнус Карлсен е најсилниот шахист во светот во моментов – вели ИМ Орце Данчевски.
- Навивам за Динг. Време е да се пресели титула во Азија, барем накратко. И според статистиката и според рејтингот, двајцата се изедначени. Стручните штабови можат да ја направат разлика – смета ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.
- На Непомнијашчи му давам поголема предност, оти вторпат се бори за титулата, па е поискусен во вакви мечеви и има подобар меѓусебен биланс со Лирен. Би сакал да победи Непомнијашчи, и покрај тоа што многу го ценам Лирен оти ги бранеше и боите на првата табла на Алкалоид и беше заслужен кога клубот стана европски првак – вели искусниот ИМ Димитар Илиевски.
- Ќе победи Непомнијашчи. Решавачки ќе бидат претходното искуство и поголемата самодоверба. Ќе навивам за Лирен – вели ВМ Звонко Станојоски.
- Ќе навивам за Лирен, бидејки заедно со него ја освоивме европската шампионска клупска титула во 2016 година. Мислам дека шансите на двајцата велемајстори да победат се еднакви – смета ИМ Филип Панчевски.
- Не знам кој ќе победи, а ќе навивам за Лирен. Ќе пресуди играчката форма и кој ќе успее да наметне свој тип на позиции на таблата. Тоа ќе биде тесен и неизвесен меч – вели ФМ Љубиша Андоновски
- Ќе победи Лирен, а би сакал Непомнијашчи, кој, пак, и нема многу среќа. На Лирен ова му е прв меч и сметам дека ќе биде поконцентриран – вели ФМ Дејан Динев.
- Навивам за Непомнијашчи и сметам дека тој ќе победи. Мислам дека е поподготвен за мечот, бидејќи еднаш веќе има играно за светската титула, а со тоа и поголемо искуство – рече ИМ Никола Николовски. Г.И.