Добивме група со репрезентации со кои може да играме и да се надеваме на добар пласман, изјави Милевски, пренесе ФФМ. Македонија шести пат ќе се сретне со Лихтенштајн во квалификации за ЕП, СП или во Лигата на нациите, со Белгија и со Велс беше во иста група за пласман на СП 2014, а со репрезентацијата на Казахстан првпат ќе игра квалификациски натпревари
ФУДБАЛ – ЖДРЕПКА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2026
Фудбалската репрезентација на Македонија ќе игра со селекциите на Белгија, Велс, Казахстан и на Лихтенштајн во групата Ј во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година, во САД, Мексико и во Канада, реши ждрепката влечена вчера во Цирих. Мечевите во таа група ќе почнат да се играат во март в година. Според најавите, термините за одигрување на средбите се 21-25 март, 6-10 јуни, 4-9 септември, 9-14 октомври и 13-18 ноември в година.
– Извлекувањето во Цирих ни носи надеж. Добивме група со репрезентации со кои може да играме и да се надеваме на добар пласман. Белгија е голем фаворит, една од најсилните светски селекции и ќе биде големо изненадување доколку не успее да го освои првото место во оваа конкуренција. Велс е одлична репрезентација, тим што игра динамичен и брз фудбал. Се разбира дека влегуваат со свои пресметки за конечниот пласман во групата, но убеден сум дека можеме да се спротивставиме на вистински начин. Казахстан и Лихтенштајн можеби немаат позитивни резултати во последните квалификациски циклуси, но секој нов почеток е нова надеж и за, условно, помалите репрезентации во групата. За мене е важно ние да го задржиме истиот пристап како на последните натпревари од Лигата на нациите, силно мотивирани да влеземе во квалификациите и одново да се бориме за резултат што може да ни донесе можност за евентуален пласман на големо натпреварување – рече селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија на својата интернет-страница.
Македонија играше со Белгија во два квалификациски циклуса, и тоа за Европското првенство (ЕП) во 1996 година и за Светското првенство во 2014 година. Од тие четири меча, еден заврши со реми, 1-1, во Брисел, во 1994 година, а другите три со победи на Белгија. Репрезентацијата на Белгија во март ќе игра со селекцијата на Украина за опстанок во лигата А од Лигата на нациите. Тоа значи дека Македонија во март ќе игра со Велс, Казахстан или со Лихтенштајн.
Црвено-жолтите и со Велс досега одиграа само официјални средби, во квалификациите за Светското првенство во 2014 година. Двете репрезентации имаат по една победа, дома. Велс победи во групата 4 на лигата Б во Лигата на нациите сезонава и во следното издание ќе настапува во лигата А, а, како и Македонија, со триумфот во групата има можност да влезе во плејофот за пласман на Светското првенство во 2026 година и преку патеката на Лигата на нациите.
Македонија и Казахстан досега се сретнаа еднаш, во пријателски натпревар во 2021 година, во Скопје (победа на македонската репрезентација). Казахстан во Лигата на нациите сезонава беше четврти во групата 3 на лигата Б.
Репрезентацијата на Лихтенштајн е селекција со која Македонија досега одигра 11 средби, од кои 10 квалификациски. Двете репрезентации четврти пат вкупно, а третпат по ред, ќе играат меѓу себе во квалификации за светските првенства (претходно се сретнаа во циклусите за настап на мундијалите во 1998, 2018 и во 2022 година), а по еднаш беа извлечени во групи за пласман на континентално првенство (за Европското првенство во 2004 година) и во Лигата на нациите (сезона 2018/2019). Македонија има 10 победи и едно реми во досегашните 11 средби со Лихтенштајн, кој беше трет во групата 1 на лигата Д во Лигата на нациите сезонава.
Првопласираната селекција ќе игра на планетарниот шампионат во САД, Мексико и во Канада, а второпласираната ќе настапи во плејофот за учество на Мундијалот.
Македонија е и меѓу 14-те победници на групите во Лигата на нациите, од кои четири ќе настапат во плејофот за пласман на Светското првенство во 2026 година. Победници на групите се Шпанија, Германија, Португалија и Франција од лигата А, потоа Англија, Норвешка, Велс и Чешка од лигата Б, Романија, Шведска, Македонија и Северна Ирска од лигата Ц, како и Молдавија и Сан Марино од лигата Д.
На Светското првенство во 2026 година ќе се играат првопласираните во 12-те квалификациски групи и четирите победници на плејофот, во кој ќе настапат 12-те второпласирани во квалификациите и четири победници на групите од Лигата на нациите, но кои нема да бидат на првите две места во своите групи во квалификациите.
Со ждрепката се комплетирани само четири групи, и тоа групите Б (Швајцарија, Шведска, Словенија, Косово), Х (Австрија, Романија, БиХ, Кипар, Сан Марино), Ј (Белгија, Велс, Македонија, Казахстан, Лихтенштајн) и групата К (Англија, Србија, Албанија, Летонија, Андора). Другите осум групи ќе бидат пополнети откако во март ќе се одиграат четвртфиналните натпревари од Лигата на нациите, Италија – Германија, Данска – Португалија, Хрватска – Франција и Холандија – Шпанија. Н.М
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
Група А победник на мечот Италија – Германија, Словачка, Северна Ирска, Луксембург
Група Б Швајцарија, Шведска, Словенија, Косово
Група Ц поразен од мечот Данска – Португалија, Грција, Шкотска, Белорусија
Група Д победник на мечот Хрватска – Франција, Украина, Исланд, Азербејџан
Група Е победник на мечот Холандија – Шпанија, Турција, Грузија, Бугарија
Група Ф победник на мечот Данска – Португалија, Унгарија, Република Ирска, Ерменија
Група Г поразен од мечот Холандија – Шпанија, Полска, Финска, Литванија, Малта
Група Х Австрија, Романија, БиХ, Кипар, Сан Марино
Група И поразен од мечот Италија – Германија, Норвешка, Израел, Естонија, Молдавија
Група Ј Белгија, Велс, Македонија, Казахстан, Лихтенштајн
Група К Англија, Србија, Албанија, Летонија, Андора
Група Л поразен од мечот Хрватска – Франција, Чешка, Црна Гора, Фарски Острови, Гибралтар
Натпреварите Италија – Германија, Данска – Португалија, Хрватска – Франција и Холандија – Шпанија на програмата се во март, а се од четврт-финалето на Лигата на нациите