Во Лигата на шампионите од Светскиот куп ќе се пласираат првите осум екипи, од Европа-купот првите пет, а од НБЦ-купот првите три тима
КУГЛАЊЕ – ПО ПРВИОТ ДЕН ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ
Се одиграа дуелите во машка конкуренција на првиот од трите дена на 35. Светски куп (СК) во Залаегерсаг (Унгарија) и Европа-купот во Апатин (Србија), како и 22. НБЦ-куп во Апатин (Србија), каде што настапуваат пет македонски клуба со по шест натпреварувачи. Првите четири екипи од секој куп се пласираат во полуфиналето, а в сабота се финалните мечеви.
Во СК (15 екипи) за македонскиот првак Макпетрол првиот ден настапија Дарко Марковиќ (собори 601 кегла) и Ибрахим Мемеди (607), а вчера и денеска играат уште по двајца куглари. Во СК за жени (12 екипи) вчера стартуваше Пелистер Пин со четири кугларки. Во Европа-купот (15 клуба), за македонскиот вицепрвак Вардар 2014 првиот ден куглаа Тони Тодоровски (537) и Влатко Стојановски (581), а другите четворица вчера и денеска, а во НБЦ-купот (25 тима) за Пелистер 1982 настапија Никола Андоновски (574) и Цане Поповски (608), а за ГТЦ Мусандра, Павле Даниловски (542), Исен Фазлиевски (520) и Игор Коцев (502).
– Прогнози да се даваат на вакви силни натпреварувања е најнеблагодарно. Како почнаа македонските клубови по првиот ден, можеби машката екипа на Пелистер би имала најголем скок во однос на минатите години – ни изјави претседателот на Кугларската федерација на Македонија, Игор Михајловски.
Во Лигата на шампионите од СК ќе се пласираат првите осум екипи, од Европа-купот првите пет, а од НБЦ-купот првите три тима. Г.И.