ЏУДО – ВИКЕНДОВ ВО КРУШЕВО

Повеќе од 400 џудисти и џудо-работници од 10 земји ќе бидат дел од ова Балканско кадетско натпреварување, едно од најмасовните и најквалитетни досега одржани

Денеска и утре во Крушево ќе се одржи Балканско првенство (БП) во џудо за кадети и за кадетки, на кое боите на Македонија ќе ги бранат 21 претставник. Предводени од селекторот на кадетската репрезентација, Дејан Мицкоски, и тренерот Трајче Марков, македонските репрезентативци имаа успешни завршни петдневни подготовки во Крушево и сега ги очекуваат настапите во своите тежински категории.

Конкуренцијата на ова Балканско првенство ќе биде исклучително силна, со учество на голем број квалитетни натпреварувачи. Повеќе од 400 џудисти и џудо-работници од 10 земји ќе бидат дел од ова балканско кадетско натпреварување. Најмногу џудисти ќе има од Турција, БиХ, Црна Гора, Грција и од Бугарија, со по околу 50-60 учесници, што е доказ дека оваа Балканијада во оваа конкуренција ќе биде една од најмасовните и најквалитетни досега одржани.

Ќе има борби во по осум машки и женски тежински категории. Свеченото отворање е денеска од 16.30 часот, а истиот ден почнуваат и поединечните борби, а утре се другите, плус екипните борби, како и борбите во микс-тимовите (машки и женски). Борбите за медали и во двата дена почнуваат од 17 часот.

Македонските џудисти во обете конкуренции, и покрај силната конкуренцијата, се оптимистички расположени и ветуваат дека ќе го дадат максимумот против своите противници. Г.И.