ГРАНПРИ-ТУРНИР ВО САМОБОР

За многу учесници ова ќе биде и последен тест пред ЕП за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година), кое во февруари треба да се одржи во Кипар

На претстојниот традиционален 31. гранпри-турнир во карате, викендов во хрватскиот град Самобор, ќе настапат и 38 македонски претставници од 11 клуба, со желба да прикажат добри борби и да освојат медали. На турнирот, кој се смета за еден од најсилните во Европа, се пријавени околу 1.800 каратисти од 300 клуба од 25 држави. Особено ќе биде привлечна борбата во т.н. отворена категорија, во која лани се бореа 68 натпреварувачи, а победи Боран Берек. Годинава пристигнаа околу 40 апликации за оваа категорија.
Во минатата година каратистите на Макпетрол освоија три медали, во конкуренција на 1.767 каратисти од 275 клуба од 33 држави. Злато освои Стефан Стојановиќ, а сребрени медали им припаднаа на Јована Мицовска и на Данило Божовиќ. Олимпик спорт освои три медали, Матеј Белистојаноски и Марија Милева се закитија со злато, Андреј Ангеловски со сребро, а Рудина Алиу од клубот Цветан Димов освои сребрен медал.
За многу учесници ова ќе биде и последен тест пред Европското првенство за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година), кое во февруари треба да се одржи во Кипар. Г.И.