Се проценува дека фармацевтската индустрија во 2021 година заработила 1,35 илјади милијарди евра од биопиратерија

Дигиталната биопиратерија беше каменот на сопнување на разговорите околу биолошката разновидност во Монтреал, со оглед на тоа што земјите во развој сè почесто апелираат до богатите држави за поделба на профитот од иновациите што се темелат врз нивните природни ресурси

Што е биопиратерија?

Барањето инспирација во природата кога станува збор за фармацевтски истражувања, генетски модифицирани култури и други производи не е ништо ново, а истражувачките групи и корпорации го прават тоа во континуитет. Но откритијата базирани на традиционалното знаење на староседелците и богатството на биодиверзитетот во земјите во развој може да бидат патентирани и извезени без плаќање соодветни компензации. Овој начин на дејствување во денешно време е познат под изразот „биопиратерија“.
Оваа практика влече корени од историјата. Колонизаторите како Шпанија, Британија и другите светски империи често ги присвојуваа и профитираа од природните ресурси на окупираните региони, тргувајќи на големо со продукти како кафе, чај, памук, зачини и каучук. Но и покрај тоа што повеќето поранешни колонии со текот на времето се изборија за својата независност, денес биопиратеријата сè уште е широко распространета. Истражувачите и големите мултинационални компании од побогатите држави често им ги „крадат“ природните ресурси на посиромашните нации и си ги земаат авторските права врз нив за свој личен профит. Во оваа група спаѓаат фирми специјализирани за профитабилни индустрии какви што се биотехнологијата, земјоделството или фармацијата. Од нив, само фармацевтската индустрија во 2021 година се проценува дека заработила 1,35 илјади милијарди евра.
Иако со децении се во сила некои заштитни механизми, вклучувајќи го и договорот на Светската трговска организација, со кој се регулираат интелектуалните права за голем број различни растенија и животни, тие не се секогаш целосно ефикасни.

За што станува збор?

Протоколот од Нагоја, кој е наменет за контрола на пристапот до биолошкиот диверзитет и генетските ресурси и чија цел е да промовира „фер и праведно“ споделување на сите придобивки со општествата од каде што се обезбедуваат, стапи во сила во октомври 2014 година. Оттогаш до денес, овој договор го ратификува 138 држави, иако сè уште недостигаат неколку „главни играчи“, вклучувајќи ги Канада, САД и Русија.
Главен камен на сопнување на конференцијата за биолошка разновидност во Монтреал (КОП15) беше ажурирањето на рамката за вклучување на употребата на генетски податоци во дигитална форма или, како што ги нарекуваат, информации за дигитална секвенца (ДСИ). Цела една група од земји – повеќето африкански – застанаа цврсто на ставот дека ќе се согласат со новата глобална биорамка, само во случај таа да вклучува начин за праведна распределба на придобивките од најновите научни достигнувања, како што е ДСИ.
Рик Куч Лоџенга, извршен директор на меѓународната непрофитна организација „Унија за етичка биотрговија“, изјави за „Дојче веле“ дека сега, кога во онлајн базите на податоци со отворен пристап се зачувуваат секвенцирани геноми, постои страв дека истражувачите и корпорациите ќе имаат пристап до генетските информации што им се потребни за развој на нови производи, без да мораат директно да ракуваат со физички примероци во оддалечени лаборатории. Ова би им овозможило потенцијално „да ја избегнат обврската за споделување на придобивките од користењето на генетските ресурси“.

Автохтоните заедници бараат признание

На разговорите одржани лани во март во Женева, преговарачите истакнаа дека автохтоните народи и локалните заедници треба да бидат примарни корисници на истражувањата и да добијат правична компензација за своето знаење, со оглед на нивната круцијална улога во зачувувањето и одржливоста на природните ресурси.
И покрај тоа што неколку студии покажаа дека проблемите како соголувањето на шумите во областите управувани од автохтоните заедници имаат тенденција на значително намалување, заштитата одредена во протоколот од Нагоја често може да биде игнорирана.
Француска европарламентарка од Партијата на зелените, Мишел Риваси, го истакна случајот во Француска Гвајана, каде што во 2005 година истражувачите, правејќи интервјуа со домородното население, успеале да идентифицираат и патентираат компонента во амарго (Quassia amara), традиционално лековито растение со својства против маларија. Иако француската истражувачка група ИРД декларативно се согласи да ги сподели сите научни и економски придобивки од компонентата, таа сè уште има ексклузивни права врз патентот доделен во 2015 година, без оглед на тужбата поднесена против неа.
Оправдувајќи се себеси, мултинационалните фирми, кои целосно ги „присвојуваат“ ваквите патенти, велат дека нивните ексклузивни права на интелектуална сопственост им овозможуваат да си ги повратат милионските суми што ги потрошиле за истражување и иновации.

Дали оданочувањето може да биде решение?

На мартовските преговори во Женева, еден делегат од африканската група земји излезе со идеја за создавање глобален систем за собирање „такса во висина од еден отсто на малопродажните цени на сите производи поврзани со биолошкиот диверзитет, со што би се дала поддршка за зачувувањето на биолошката разновидност на терен“. Ваквиот пристап веќе започна да се реализира на локално ниво, на пример, во Јужна Африка, каде што индустријата за производство на чај од ројбос кон крајот на 2019 година потпиша договор за поделба на профитот со автохтоните заедници Кои и Сан.
Според договорот, во кој се истакнува дека Кои и Сан се „носители на традиционалното знаење“ за ендемската црвена билка ројбос и медената грмушка, автохтоните заедници добиваат 1,5 отсто од она што фабричките преработувачи на овие билки им го плаќаат на земјоделците за необработената жетва. Во 2022 година, оваа обврска за лукративната индустрија, која е првенствено позната по чајот, но истовремено произведува и козметика, сокови и медикаменти, изнесува нешто над 675.500 евра.