Црвено-жолтите ќе играат со Германија, Словенија и со Белгија. На ЕП 2026, кое првпат ќе се одржи во пет држави, ќе настапат првопласираните две во шесте групи и најдобрите четири меѓу третопласираните. Директен пласман обезбедија кодомаќините и освојувачите на медали на ЕП 2024
РАКОМЕТ
Германија, Словенија и Белгија се репрезентациите што ѝ стојат на патот на македонската женска сениорска ракометна селекција во групата три во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година. Германија беше извлечена од првиот барабан, Словенија од вториот, а Белгија од четвртиот барабан. Тоа е епилогот од ждрепката влечена во романскиот град Клуж. ЕП 2026 првпат ќе се игра во пет држави, Романија, Полска, Чешка, Словачка и Турција.
На континенталниот шампионат досега пласман обезбедија, покрај петте кодомаќини, уште три селекции што освоија медали на ЕП 2024, Норвешка, Данска и Унгарија. За преостанатите 16 места ќе се тркаат 24 репрезентации, поделени во шест квалификациски групи. Од нив, на ЕП место ќе обезбедат двете првопласирани во секоја од шесте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните селекции. Квалификациските дуели ќе се играат од октомври годинава до април 2026 година. Македонија досега има седум настапи на ЕП, во 1998, 2000, 2006, 2008, 2012, 2022 и во 2024 година, а најдобар пласман е седмото место во 2008 година.
Германија играла на сите 16 европски првенства, а освои едно сребро (во 1994 година). Македонките досега против Германките одиграле девет меча, осум загубиле, а еден победиле. Притоа одиграле три меча на светски првенства (СП), два на ЕП, два во квалификации за ЕП и два дуела во плејоф за пласман на ЕП. Со Словенија, која девет пати играла на ЕП (најдобар пласман осмо место), во меѓусебните дуели Македонија победи трипати, загуби девет пати, а еден меч заврши нерешено. Со репрезентацијата на Белгија, која нема настап на ЕП, Македонија досега не одиграла официјален натпревар. Г.И.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026
ГРУПА 1: Франција, Хрватска, Косово, Финска
ГРУПА 2: Холандија, Швајцарија, Италија, БиХ
ГРУПА 3: Германија, Словенија, Македонија, Белгија
ГРУПА 4: Црна Гора, Исланд, Португалија, Фарски О.
ГРУПА 5: Шведска, Србија, Украина, Литванија
ГРУПА 6: Шпанија, Австрија, Грција, Израел