Американскиот спринтер Ноа Лајлс како куршум ја истрча патеката на 100 метри, а Србинката Ивана Вулета конечно дојде до златен медал во скок во далечина
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА
Вториот ден од 19. СП во Будимпешта донесе многу возбудувања. Тоа и се очекуваше со оглед на фактот оти во машка конкуренција беа финалните трки на најкусата и на најдолгата патека, 100, односно 10.000 метри. Овие трки секогаш имале своја специфика, свои асови што знаеле да го кренат адреналинот на публиката и да направат вистинско шоу. Така беше и овој пат, особено на 100 метри, во која фаворитот број еден, харизматичниот Американец Ноа Лајлс, ги оправда очекувањата и како куршум ја истрча патеката со време од 9,83 секунди. Тој сега е новата спринтерска ѕвезда за радост на Американците, кои подолг период во нивната дисциплина „стотката“ не можеа глава да кренат од Усеин Болт од Јамајка. Конечно, кога во Лондон тој се раздели од атлетиката, Американците повторно стапија на сцена и го презедоа приматот. Сега Лајлс ќе биде спринтерот за кој веруваат дека уште долго ќе им носи радости.
Интересна беше борбата за второто место, во која тројца спринтери имаа исто време од 9,88 секунди, но фотофинишот покажа оти среброто ќе оди кај младиот Лестл Тегоба од Боцвана, а бронзата кај Британецот Жарнел Хјус.
Во машката трка на 10.000 метри, според тоа како се одвиваа работите, се очекуваше расплетот да биде во самиот финиш. Секој од фаворитите се подготвуваше за спринт-завршницата, во која, сепак, најбрз беше светскиот рекордер Џошуа Чептегеи од Уганда. Тој мина низ целта со време од 27:51,42 минути, втор со задоцнување од само една секунда и 18 стотинки беше Кениецот Даниел Ебенио, а трет Селемон Барега од Етиопија, кој, пак, зад освојувачот на среброто задоцни само осум стотинки.
Ако Чептегеи имаше причини за голема радост, оти го освои третото злато на СП, на лицето на полскиот фрлач на кладиво Павел Фајдек се забележуваше тага. Тој не успеа по шести пат во низа да триумфира на СП и со тоа да се израмни по бројот на освоени први места со Украинецот Сергеј Бубка, кому тоа му успеа во скок со стап. Неочекувано победи Итан Кацберг од Канада со резултат од 81,25 метар, сонародникот Војчех Новицки, кој исто како и Фајдек е претплатен на медали, беше втор со 81,02 метар, а за радост на домашните гледачи, Бенце Халаш ја освои бронзата со 80,88 метри.
Српската скокачка во далечина Ивана Вулета конечно го оствари својот сон. По двете бронзи од СП во Москва 2013 и во Пекинг 2015, како и бронзата од Олимписките игри во Рио 2016, таа на СП во Будимпешта се искачи највисоко на пиедесталот, освојувајќи злато со скок од 7,14 метри, остварен во петтата серија. Вулета има и две злата од СП во сала, кои, сепак, имаат помала вредност од медалите на отворено. Резултатот на ова СП е за 10 сантиметри послаб од нејзиниот рекорден скок од 7,24 метри во Белград во 2017. Резултатот е уште позначаен ако се знае дека во годинашнава сезона таа немаше постигнување меѓу 10-те најдобри во светот. Фаворизираната Американка Дејвис Вудхол мораше да се задоволи со второто место со 6,91 метри, а Романката Алина Ротару-Котман заврши трета со 6,82 метри.
На вториот ден од СП, Шпанија покажа дека не само во минатото туку и сега ја негува традицијата во една од најтешките дисциплини – брзо одење. По почетната победа на Алваро Мартин на 20 километри, на истата делница и во женска конкуренција, благодарејќи на триумфот на Марија Перез, златниот медал патува во Шпанија. Во утринската трка Перез сето време беше во челната група од осум тркачи, а откако сите заедно минаа еден час на делницата, таа прва се оддели напред и веќе се насетуваше нејзиниот триумф. Низ целта мина прва со време од 1:26,51 час, што беше за 25 секунди подобро од она на второпласираната Џемима Монтаг од Австралија и 35 секунди од третопласираната Антонела Палисано од Италија.
Во најнапорната женска атлетска дисциплина, а тоа е седмобојот, првото место го освои Катарина Џонсон-Томпсон од Велика Британија.
Зоран Михајлов, специјално од Будимпешта за „Нова Македонија“