Ивана Манова и Емил Ристески

ПО ШЕСТ КОЛА НА ШАХОВСКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО БУДИМПЕШТА

Очекувам во втората половина шахистките да заиграат на нивното највисоко ниво и значително да го поправиме впечатокот, а со тоа и пласманот, вели селекторот на женската репрезентација, Љубиша Андоновски

По одиграните шест кола на отворениот и на женскиот дел на 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта, во вторникот учесниците го искористија единствениот слободен ден за да се одморат и да соберат сили за последните пет кола и конечниот расплет на табелата. Во рамките на вчерашното седмо коло, машката репрезентација (рангирана на 62-то место пред почетокот на ШО, со просечен рејтинг од 2.421 поен) имаше значаен меч со Швајцарија (рангирана на 38-то место, 2.524), која на последните три табли имаше шахисти со околу 150 поени повисок рејтинг. Македонија пред вчерашниот дуел беше на одличното 25-то место, со осум бода (четири победи и два пораза) и 18,5 поени по табли меѓу 197 селекции.
– Засега играме добро. Од секој играч сум задоволен. Добро е што и со посилни од нас прикажуваме солидна игра, односно не сме топовско месо. Атмосферата во репрезентацијата е добра, па очекувам да продолжиме како и досега. Тони Лазов и Антон Златков имаат добри шанси за повисоки шаховски норми. Единствено имаме проблем со трансферот од хотелот до салата за играње, па се снаоѓаме со такси. Сѐ друго е во ред – вели селекторот на машката репрезентација, ИМ Атанас Кизов.

Интересен е податокот што Македонија е единствената репрезентација на ШО што сите победи (со селекциите на Того, Зелено’ртската Република, Ел Салвадор и со Хонгконг) ги постигна со по максимални 4-0, а според нејзиниот рејтинг беше водечка на табелата во групата Б со осум бода. Според вкупно освоените поени, пак, по табли (18,5), Македонија по шест кола беше втора, зад водечката Индија (21).

Интернационалниот мајстор Емил Ристески по шест кола има удел во селекцијата со 3,5 поени од пет партии (три победи и по едно реми и пораз).
– Задоволен сум од досега прикажаната игра на сите репрезентативци. Во секој меч имавме многу добри шанси. Се надевам дека ќе продолжиме да играме со исто темпо и дека до крајот ќе победиме најмалку две фаворизирани репрезентации – вели Ристески.

Македонските шахистки (рангирани на 57-то место, 2.026) со по две победи, ремија и порази, беа на 85-то место со шест бода (12,5 по табли) меѓу 181 селекција. Вчера играа со Тринидад и Тобаго (рангиран на 97-то место, 1.847).
– Очекувам во втората половина шахистките да заиграат на нивното највисоко ниво и значително да го поправиме впечатокот, а со тоа и пласманот. Слободниот ден добро ни дојде да се одмориме, но и да се обидеме да ги отстраниме досегашните пропусти. Салата и условите за игра се одлични, освен проблемот со превозот до салата – рече селекторот на женската репрезентација, ФМ Љубиша Андоновски.

Втората женска репрезентативна табла Ивана Манова, по шестото коло имаше три поени од пет можни. Посакува повеќе среќа во вториот дел.
– Главно сум задоволна од мојата игра, како и од прикажаните партии на целата женска екипа. Сите се вложуваат максимално, се борат до последен момент, но олимпијадата е силен турнир во кој нема слаби противници. Во вториот дел очекувам уште подобра игра и повеќе среќа – вели Манова.

Во двете конкуренции пред слободниот ден водеа селекциите на Индија. Г.И.