Противник на Ивановски за пласман меѓу четворицата најдобри на јуниорскиот Вимблдон ќе му биде подобриот од мечот помеѓу Словенецот Бор Артнак (14-ти носител) и Педро Роденас од Шпанија. Ивановски лани на јуниорскиот Вимблдон играше во осминафиналето

ТЕНИС – ЈУНИОРСКИ ТУРНИР

Калин Ивановски, 18-годишниот македонски тенисер, се пласира во четврт-финалето на јуниорскиот гранслем-турнир во Вимблдон, за тенисери до 18 години. Во осминафиналниот натпревар, Ивановски го совлада осмиот носител на турнирот, Литванецот Едас Бутвилас со 2-1 (6-4, 5-7 и 6-0), кого лани, исто така, го елиминира во второто коло на истиот турнир и против кого досега одигра пет меча и победи во четири.
Противник на Ивановски за пласман меѓу четворицата најдобри на јуниорскиот Вимблдон ќе му биде подобриот од натпреварот помеѓу Словенецот Бор Артнак (14-ти носител) и Педро Роденас од Шпанија, кои играа вчера доцна попладне.
За Ивановски ефектот на тревните терени на Вимблдон е четири победи и еден пораз. Лани тој на јуниорскиот Вимблдон беше елиминиран во осминафиналето, а потоа на следните три гранслем-турнири во таа возрасна категорија, во Њујорк (САД опен), во Мелбурн (Австралија опен) и во Париз (на Ролан Гарос) играше во првото коло.
Ивановски моментно е на 42-то место на светската ИТФ ранг-листа меѓу јуниорите, кое, секако, ќе биде подобрено по завршувањето на Вимблдон. Најдобриот ранг на таа листа во кариерата му е на 17-та позиција, во јануари годинава. Л.Д.