Најсилен е составот на Хрватска, во чии редови играат Дона Векиќ (34-та на ВТА-листата) и Петра Мартиќ (60-та). Следува Египет, кој, исто така, има тенисерка меѓу првите 100 на светот, Мајар Шериф (70-та), па може да се каже дека тие се двете најсилни селекции на хартија, вели Лабудовиќ
ДИМИТАР ЛАБУДОВИЌ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНСКАТА ТЕНИСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Македонската женска тениска репрезентација, предводена од селекторот Димитар Лабудовиќ, од 8 до 13 април ќе настапи во Вилнус (Литванија) во Втората евроафриканска зона на купот „Били Џин Кинг“, во состав Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ива Данева, Ана Митевска и дебитантката Теона Андова. Во Втората евроафриканска зона се и БиХ, Хрватска, Египет, Естонија, Грузија, Израел, Косово, Литванија, Мароко и Малта. Лани, македонската репрезентација триумфира во Третата европска зона и со тоа годинава обезбеди пласман еден ранг повисоко.
– Со оглед на тоа што другите репрезентации доаѓаат со најсилните тенисерки во своите редови, наша главна цел ќе биде опстанокот во зоната, а сѐ што ќе оствариме повеќе, ќе претставува само плус за македонскиот женски репрезентативен тенис. Најсилен е составот на Хрватска, во чии редови играат Дона Векиќ (34-та на ВТА-листата) и Петра Мартиќ (60-та). Потоа следува Египет, кој, исто така, има тенисерка во првите 100 на светот, Мајар Шериф (70-та), па може да се каже дека тие се двете најсилни селекции на хартија. Тука е и Естонија, за која игра Каина Канепи (219-та), тенисерка што порано била и во првите 20 во светот. Генерално гледано имаме многу потешка група, која бара повеќе напор од другите групи – вели Лабудовиќ.
За тоа во каква форма е најдобрата македонска тенисерка Ѓорческа по последните натпревари, Лабудовиќ вели: „Оваа недела Ѓорческа напредуваше за две места на ВТА-листата, но да дополнам дека во ова рангирање не е влезено финалето што го играше минатата недела во Ларнака, така што со тој успех таа дополнително ќе се искачи на листата. Најважно е тоа што Лина е во добра форма и се надевам дека во тој стил ќе продолжи и понатаму“.
Селекторот најави дека се планирани заеднички подготовки во Скопје, од 1 до 5 април.
– Годинава сме во Втората зона, каде што има многу силни репрезентации и тенисерки, кои се меѓу првите 50 во светот и затоа пред сѐ очекувам дека ќе има квалитетни мечеви. Лично сум подготвена, мислам дека сум во одлична форма и ветувам дека целата репрезентација ќе го даде својот максимум на секој натпревар. Фаворити се Хрватска и Египет, но ние немаме што да изгубиме, па затоа и се надевам на добар резултат – вели Ѓорческа, која моментно настапува на турнир во Кипар.
Во Литванија ќе настапат 11 репрезентации, поделени во три групи. Трите првопласирани од групите ќе формираат нова група, во која ќе се игра секој со секого, а двете најдобри ќе изборат пласман во Првата евроафриканска зона. Второпласираните по првата групна фаза ќе формираат група за пласман од четвртото до шестото место, а третопласираните за пласман од седмото до деветтото место. Двете четвртопласирани селекции во групите со по четири национални тима ќе играат идната година во Третата европска или африканска зона. Г.И.