ТЕНИС
Седум смени на првото место имаше и во 2018 година
Новак Ѓоковиќ ќе се врати на првото место на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) по гранслем-турнирот САД опен, откако забележа победа во воведното коло на тој турнир на мечот со Французинот Александре Милер со 6-0, 6-2, 6-3.
Ѓоковиќ, кој ќе го смени на врвот бранителот на титулата на САД опен, Карлос Алкараз, и ќе го зголеми рекордот, со 390-та недела на првото место на листата, игра и за зголемување на рекордот со 10-то финале на САД опен, пишува АТП.
Ова ќе биде седма смена на врвот годинава, колку што имаше и во 2018 година, тогаш меѓу Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роже Федерер.
Откако ги освои Австралија опен и Ролан Гарос и стигна до финалето на Вимблдон, 23-кратниот гранслем-шампион Ѓоковиќ се обидува да стигне до финалето на сите четири гранслем-турнири во истата сезона, третпат во својата кариера (претходно во 2015 и во 2021 година).
Во второто коло на САД опен, Ѓоковиќ ќе игра со светскиот рекет број 76, Шпанецот Бернабе Запата Миралес, кој во првото коло го победи Итан Квин од САД со 6-4, 6-4, 6-3. Н.М.