Двајцата сега имаат по 58 пласмани во четврт-финалињата на гранслем-турнирите, пишува АТП
ТЕНИС – СО ПОБЕДАТА ВО ОСМИНАФИНАЛЕТО НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН
Новак Ѓоковиќ – Тејлор Фриц, Јаник Синер – Андреј Рубљов се првите четвртфинални двојки во машка конкуренција, а Коко Гоф – Марта Костјук и Барбора Крејчикова – Арина Сабаленка во женска конкуренција, на првиот годинашен тениски гранслем-турнир Австралија опен, кој се игра на терените во Мелбурн.
Денеска ќе бидат комплетирани двојките за четврт-финалето, со преостанатите мечеви во осминафиналето. Во првите осминафинални дуели најнеизвесно беше на дуелот Рубљов – Алекс де Минаур, кој беше решен во пет сета (6-4, 6-7, 6-7, 6-3, 6-0 за 4:15 часа игра). Ѓоковиќ, пак, загуби само три гејма во победата на мечот со Адриан Манарино (6-0, 6-0, 6-3) за еден час и 44 минути игра.
Со таа победа Ѓоковиќ сега е изедначен со Роже Федерер за најмногу пласмани во четврт-финалињата на гранслем-турнирите, со по 58, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница. Н.М.