ДЕНЕСКА ПОЧНУВА 136-ТО ИЗДАНИЕ НА ВИМБЛДОН, НАЈСТАРИОТ ТЕНИСКИ ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР

Ѓоковиќ го освои својот 23-ти гранслем-трофеј во јуни на Ролан Гарос, израмнувајќи се со С. Вилијамс, што е рекорд во т.н. опен-ера. Тој има 28 последователни победи на Вимблдон, нема пораз на Централниот терен од 2013 година, има резултат од 86-10 (победи-порази) вкупно на турнирот, повеќе од преостанатите врвни 20 тенисери на АТП-листата заедно. Ѓоковиќ, кој вторпат во три години е на половина пат до календарскиот гранслем (да ги освои сите четири гранслем-турнири во една година), игра и за да се израмни со Федерер со рекордни осум титули на Вимблдон, откако ги освои претходните четири изданија на турнирот на трева

Новак Ѓоковиќ има шанса да испише уште тениска историја на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, кој почнува денеска, на тревна подлога. Ѓоковиќ го освои својот 23-ти гранслем-трофеј во јуни на Ролан Гарос, израмнувајќи се со Серена Вилијамс, што е рекорд во т.н. опен-ера (од 1968 година, откога на турнирите настапуваат професионалци). Со 24-от би станал водечки на сите времиња во модерното време и, исто така, би го израмнил рекордот на сите времиња, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Ѓоковиќ има 28 последователни победи на Вимблдон, кои датираат од 2017 година, и може да се пофали со резултат од 86-10 вкупно на турнирот, повеќе од преостанатите врвни 20 тенисите на АТП-листата заедно. Вторпат во три години тој е на половина пат до календарскиот гранслем, да ги освои сите четири гранслем-турнири во една година. Ѓоковиќ игра и за да се израмни со Роже Федерер со рекордни осум титули на Вимблдон, откако ги освои претходните четири изданија на турнирот на трева. Тој ја освои својата прва титула на турнирот во 2011 година и нема загубено натпревар на Централниот терен од 2013 година, од финалето со Енди Мареј.
– Неколку години се борев навистина да ја кренам мојата игра на следното ниво на тревните терени, бидејќи природно за мене е да се лизгам, а тревата навистина не е подлога што простува кога станува збор за екстремни лизгачки движења на теренот. Морав да научам како да се движам, како да одам, како да играм, како да ги читам отскокнувања на топчето. Тревниот терен е најретката подлога што ја имаме во спортот, што е спротивно на она што го имаше пред можеби 40, 50, 60 години, кога на трева се играа три од четири гранслем-турнири. Во денешно време тоа не е случај. Потребно е време, повеќе од која било друга површина, за навистина да се навикнеш на тоа. Но мислам дека во изминатите 10 години од мојата кариера, многу брзо се адаптирав на површината. Мислам дека резултатите тука се доказ за тоа – рече Ѓоковиќ, пренесе Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).

Ѓоковиќ денеска ќе го почне годинашниот турнир на Вимблдон со мечот со Педро Качин. Неговиот најголем предизвикувач се чини дека е Шпанецот Карлос Алкараз, кој се врати на врвот на листата на АТП по првата освоена титула на трева, на турнирот во Квинс, пишува ИОК. Меѓу првите четири носители се и Даниил Медведев и Каспер Руд.

На турнирот за жени, светската тенисерка број 1, Ига Швјонтек, неодамна ја освои својата четврта гранслем-титула и трета на Ролан Гарос. Таа досега не се пласирала во четврт-финалето на Вимблдон. Шампионката од 2022 година, Елена Рибакина, ќе игра за нов гранслем-трофеј, а годинашната победничка на Австралија опен, Арина Сабаленка, ја заокружува најдобрата женска тројка.

Швјонтек има цел да стане првата тенисерка, покрај С. Вилијамс, која ја освоила петтата голема титула во сингл по Марија Шарапова во 2014 година. Џесика Пегула и Коко Гауф се меѓу првите осум носители, а двократната победничка на Вимблдон, Петра Квитова, во минатата недела ја освои својата 31. титула во кариерата, шеста на трева. На листата се и Јелена Остапенко и вицешампионката на годинашниот Ролан Гарос, Каролина Мухова…


НА ВИМБЛДОН СЕ ИГРА ОД 1877 ГОДИНА

Сѐ почна со објава во весник дека клубот Ол Ингланд предлага да се одржи турнир во тенис на трева

Од првиот шампионат во 1877 година, Вимблдон прерасна од своите корени како турнир за забава во градината до гранслем-турнир со милиони следбеници низ светот, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Вимблдон е најстариот гранслем-турнир.

Сѐ почна со објава во магазинот за одмор „Филд“ на 9 јуни 1877 година дека „клубот Ол Ингланд за крокет и за тенис на трева, Вимблдон, предлага да се одржи турнир во тенис на трева, отворен за сите аматери, од 9 јули и во следните денови“. Вкупно 22 мажи, во таа фаза не играа жени, се пријавија, платија влезна такса, предупредени да донесат свои рекети и „чевли без потпетици“, но топките ги обезбеди клупскиот градинар.

Клубот Ол Ингланд бил основан исклучиво за крокет во 1869 година, на четири хектари изнајмена ливада на Ворпл Роуд, Вимблдон, но крокетот брзо бил потиснат од новата забава, тенисот. Условите биле примитивни. Привремена трибина со три штици нудела седишта за 30 луѓе, вкупната посетеност на финалето била 200, рекетите по форма и тежина личеле на чевли за снег, а топчињата имале рачно сошиени фланелни надворешни обвивки, пишува Вимблдон на својата интернет-страница.