ФМ Емил Ристески

По девет кола, Ристески освои осум поени без пораз, со седум победи и две ремија, згора и 52,5 нови рејтинг-поени, а во конкуренција на 79 шахисти од 10 држави, Михов го освои четвртото место, Николовски шестото…

ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ ВО ПАРАЌИН

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) и репрезентативец Емил Ристески (2.251 рејтинг-поен, рангиран на седмото место пред почетокот на турнирот) постигна огромен успех, освојувајќи го првото место на опен-турнирот во забрзан шах (време за размислување 10 минути, плус пет секунди по секој одигран потег по играч), кој се одржа во српскиот град Параќин.
Во конкуренција на 79 шахисти (тројца интернационални мајстори, осум ФМ) од 10 држави (Македонија, Ерменија, БиХ, Либија, Монголија, Романија, Русија, Турција, Бугарија и Србија), по девет одиграни кола Ристески освои осум поени (седум победи и две ремија), но и 52,5 нови рејтинг-поени.
Покрај Ристески, на турнирот настапија уште петмина млади и надежни македонски шахисти. Филип Михов (рејтинг 2.160) со седум поени го освои четвртото место, интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски (2.390) е на шестата позиција со 6,5 поени, ФМ Андреј Велјаноски (2.182) освои шест поени, со што се пласира на 11-то место, искусниот ФМ Роберт Велески (2.203) е 14-ти, исто така, со шест поени, а Давид Николовски (1.728) со 4,5 поени е на 49-то место. Г.И.