КОЊИЧКИ СПОРТ – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Се одржаа натпреварите од Јунскиот коњички турнир и второто коло од отвореното Првенство на Македонија во прескокнување пречки за 2023 година, на теренот на коњичкиот клуб Бравадос во Волково. На програмата беа пет натпревари во прескокнување пречки во класите А, Б, Ц, Д и Е со височина на пречките 0,7-1,2 м и широчина до 1,40 м.

Во класата Е победи Андријана Ѓокиќ со грлото „Паули“ од клубот Бравадос, пред Горјан Атанасовски со грлото „Змеј“ од КК Илинден и Кристина Антовска со грлото „Дон Октавијан“ од КК Анималс. Во класата Д триумфира Марта Димитриевиќ со грлото „Калатус“ од КК Илинден, пред Петар Милошевски со грлото „Колдплеј“ од КК Бравадос и Софија Бешлиќ со грлото „Серафина“ од КК Бравадос. Во класата Ц по одржаниот бараж најдобра беше Љупка Аврамовиќ со грлото „Колпо Гросо“ од КК Бравадос. Второто место го освои Сиља Дуковска со грлото „Најтингел“ од КК Илинден, а третото Петар Милошевски со грлото „Надја“ од КК Бравадос. Во класата Б победи Сиља Дуковска, но со грлото „Ехо“ од КК Илинден, пред Петар Милошевски со грлото „Надја“ од КК Бравадос и Зоран Јовановиќ со грлото „Маестро“ од КК Бравадос. И во класата А повторно славеше Сиља Дуковска со грлото „Ехо“ од КК Илинден.

Закажаниот натпревар од првото коло на Купот на Македонија за 2023 година повторно се одложи како и минатиот пат, поради поплавениот терен по обилните дождови што го зафатија теренот во Хиподром. Г.И.