Ова е голем спортски настан со учество на многу спортисти и секако дека настапот на македонските учесници тука претставува едно големо искуство за нивното понатамошно напредување и усовршување во зимските спортови во кои се натпреваруваат, ни изјави тренерот на биатлонците Ѓоко Динески
Четворицата македонски натпреварувачи ги завршија настапите на 17-от зимски Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ), во грузискиот град Бакуријани. За надежните Петар Гиноски во биатлон, Евгениј Ристевски и Ангела Ристевска во сноуборд и Виктор Чакаровски во нордиско скијање, предводени од своите тренери, овие игри во конкуренција на околу 900 натпреварувачи во осум спорта од 45 држави беа едно драгоцено искуство во мошне силна конкуренција.
– Ова е голем спортски настан со учество на многу спортисти и секако дека настапот на македонските учесници тука претставува едно големо искуство за нивното понатамошно напредување и усовршување во зимските спортови во кои се натпреваруваат – ни изјави тренерот на биатлонците Ѓоко Динески.
Последен од Македонците на Игрите настапи Чакаровски во дисциплината спринт крос-кантри и во силна конкуренција тој беше на 68-то место. Одличен почеток имаше Гиноски, кој на 12,5 км во конкуренција на 64 учесници од 45 држави го освои солидното 46-то место, а во спринт на 7,5 км, со две пукања, меѓу 63 натпреварувачи тој низ целта помина како 59-ти. Претходно Чакаровски го имаше своето деби на овие Игри, каде што во трката крос-кантри слободен стил на 10 км, на тешката патека го даде својот максимум освојувајќи го во мошне силна конкуренција 68-то место. Во Бакуријани настапија во дисциплина слопстајл и сноубордистите Евгениј Ристевски и Ангела Ристевска. Притоа Ристевски го освои 32-то место, а Ристевска беше на 22-то место.
Пред натпреварувањето на последниот ден најмногу медали имаше освоено Италија (седум златни, шест сребрени и три бронзени), втора беше Франција (5-9-5), трета Швајцарија (4-0-7). Вкупно 22 држави имаа освоено најмалку по еден медал, но овој број можеше вчера и да биде поголем.
Македонија, поточно Скопје, годинава (20-26 јули) ќе биде домаќин на 18-от по ред Европскиот младински летен олимписки фестивал (ЕМОФ), кој има речиси 35 години традиција под покровителство на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), а е врвен европски мултиспортски настан наменет за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години. Г.И.