Ланскиот победник Расулов (во средината)

До вчера беа пријавени рекорден број учесници, 131 за А-турнирот (за шахисти/ки од најмалку 2.000 рејтинг-поени) и 156 за Б-турнирот (за шахисти до 2.000 рејтинг-поени), или вкупно 287 шахисти/ки

ШАХ

Со партиите на првото коло (од предвидените девет) денеска од 17 часот ќе почне годинашниов традиционален меѓународен шаховски турнир „Опен Скопје 2023“, кој годинава се состои од А и Б-формат, но ќе се смета и за прво Балканско поединечно првенство за 2023 година во машка и во женска конкуренција.
До вчера беа пријавени рекорден број учесници, 131 за А-турнирот (за шахисти/ки од најмалку 2.000 рејтинг-поени) и 156 за Б-турнирот (за шахисти до 2.000 рејтинг-поени), или вкупно 287 шахисти/ки.
На А-турнирот фигурираат 14 ВМ, еден ЖВМ, 18 ИМ, четири ЖИМ, 11 ФМ, три ЖФМ, од 21 земја, а најмногу учесници има од Македонија (29), Турција (21), Србија (17). Прворангиран е Азербејџанецот Елтај Сафарли (2.609 рејтинг-поени), а меѓу македонските шахисти ИМ Тони Лазов (2.404, рангиран 14-ти). На Б-турнирот има учесници од 12 држави, а најмногу од Македонија (127) и од Турција (девет). Прворангиран е Турчинот Онур Тасци (1.987 рејтинг-поени), а меѓу македонските шахисти Виктор Раниќ (1.928, рангиран 4-ти).
Вкупниот награден фонд на А-турнирот е 8.000 евра (за победникот 2.000 евра), на Б-турнирот наградниот фонд е 3.500 евра (за првиот 600 евра), а за Балканското првенство 4.000 евра (за најдобриот кај шахистите 1.000, а кај шахистките 650). Лани на „Опен Скопје“ играле 138 шахисти (11 ВМ) од 15 држави, а победил ВМ од Азербејџан, Вугар Расулов, кој беше рангиран четврти пред почетокот на турнирот. Г.И.