Да не сум од Србија, уште пред многу години ќе бев воздигнат во височините на спортски план, особено во западниот свет, изјави најтрофејниот тенисер на сите времиња Новак Ѓоковиќ по финалето на САД опен во кое го совлада Русинот Данил Медведев со 3-0 во сетови и го освои својот 24-ти гранслем трофеј.
На официјалната прес-конференција по синоќешниот финален двобој, Ѓоковиќ одговарајќи на новинарско прашање дали се гледа како еден од најголемите спортисти на сите времиња, рече дека заслужува да биде дел од таа расправа.
– Тоа ќе го оставам на вас и на другите, дали сум или не сум. Заслужувам да бидам дел од таа расправа. Доколку не сум од Србија, пред многу години ќе бев воздигнат во височините на спортски план, особено во западниот свет. Тоа е дел од мојот пат, благодарен сум што доаѓам од Србија, тоа ми дава верба и надеж, тоа ми е уште послатко, тоа ме исполнува, а вие пишувајте го тоа што го мислите – порача Ѓоковиќ одговарајќи на новинарското прашање.
Ѓоковиќ во своето десетто финале на САД опен го совлада Медведев со 6-3, 7-6, 6-3 и го освои својот четврти трофеј во кариерата на гранслем турнирот во Њујорк по успесите во 2011, 2015 и 2018.
Воедно, Ѓоковиќ, кој денеска ја почна 390. недела на врвот на АТП листата, стана и највозрасниот тенисер со триумф во Њујорк од 1969 година, надминувајќи го Австралиецот Кен Росевел, кој победи на САД опен на 35-годишна возраст.