ЕВРОПСКИ ТОП ТУРНИР ВО ЏУДО ВО БИХ

Џудистите на Дрим од Струга се закитија со четири медали (по еден златен и бронзен и два сребрени) на европскиот топ турнир во џудо „Борса опен“ (за деца од 11 до 18 години), во Мостар (БиХ), кој се смета еден од најквалитетните во оваа категорија.
Златен медал освои Давид Спироски, со сребро се закитија Катерина Клењоска и Давид Ќосески, а бронзен медал ѝ припадна на Елеонора Јосифовска. Одлични борби на татамите имале и Мишела Јаулевска, Божидар Јулоски и Мила Стојмиловска, сите се пласираа на петтата позиција, информираат од струшкиот клуб.
На турнирот, во организација на ЏК Борса, настапиле над 1.000 џудисти/ки од 30 држави. Претходен пат овој турнир се одржал во 2019 година, кога на него учествувале 1.138 натпреварувачи/ки од 129 клуба од 28 држави. Оваа спортска манифестација опфаќа дводневно џудо-натпреварување, како и дводневен џудо-камп. Г.И.