Ива Богдановска со тренерот Игор Паскоски

По првиот ден добар настап имаше и Анамарија Стојмиловска, која го освои петтото место. Вчера требаше да настапат Борјана Поп Атанасова и микс-тимот

ЏУДО

Одличен настап на македонските репрезентативци на Балканското првенство (БП) за јуниори во Тирана (Албанија) по првиот натпревaрувачки ден, откако Ива Богдановска (категорија до 63 кг) од скопскиот клуб Миоки освои бронза, а Анамарија Стојмиловска (до 48 кг) од клубот Дрим од Струга го освои петтото место.
Богдановска во борбата до медалот забележа три победи и еден пораз, а за бронзениот медал беше поуспешна од репрезентативката на Грција и на тој начин ѝ го донесе првиот медал на Македонија на оваа балканијада. Стојмиловска беше на чекор до медал, но во борбата за третото место загуби од претставничката на Турција. Солиден настап имаа и другите македонски репрезентативци, Лилјана Недановска, Азра Заими, Сергеј Димитријоски и Никола Магдески.
На вчерашниот втор ден претстоеја настапот на македонската репрезентативка Борјана Поп Атанасова, која, на вториот Европски јуниорски џудо-куп, одржан годинава во Скопје, ги освои второто место и сребрениот медал (категорија над 76 кг), и натпреварувањето во микс-тим. Г.И.