На Глобалниот шаховски фестивал главни теми ќе бидат креативноста и иновативноста, на посетителите ќе им бидат претставени револуционерни идеи и иницијативи инспирирани од шахот, во науката, образованието, уметноста и во бизнисот. Годинава тој е домаќин и на конференцијата за едукативен шаховски самит, каде што учесниците ќе зборуваат за тоа дека шахот навистина заслужува место во училниците како начин за развој на вештини

ГЛОБАЛЕН ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ НА ЈУДИТ ПОЛГАР

Како може шахот да направи револуција во образованието? Како можат проблемите со самодовербата да се решат со оваа игра? Како влијаат пулсот и крвниот притисок на перформансите на шахистите? Мислители од целиот свет ќе се соберат за да одговорат на овие и други прашања, денеска, на Глобалниот шаховски фестивал на Јудит Полгар во Будимпешта, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница. На прес-конференцијата беа објавени и новите, светски познати учесници, како што се, на пример, Ерно Рубик, пронаоѓач на Рубиковата коцка, Дана Реизниеце-Озола, директорка на ФИДЕ, и многу други.
На Глобалниот шаховски фестивал главни теми ќе бидат креативноста и иновативноста. На посетителите ќе им бидат претставени револуционерни идеи и иницијативи инспирирани од шахот, во областите на науката, образованието, уметноста и бизнисот.

Годинава Глобалниот шаховски фестивал е домаќин на конференцијата за едукативен шаховски самит, каде што учесниците ќе зборуваат за тоа дека шахот навистина заслужува место во училниците како начин за развој на вештини. Лорена Гарсија, образовен истражувач, ќе ѝ покаже на публиката дека шахот може да ја подобри самодовербата и ја спречи вознемиреноста, Рита Аткинс, британски меѓународен шаховски мајстор, ќе покаже практични примери за вклучување на шахот во часовите по математика, Јеспер Бергер, меѓународен шаховски тренер, ќе ја отфрли широко распространета теорија дека шахот развива само деца со исклучителни способности. Шахот може да биде изненадувачки корисен за децата што имаат тешкотии во учењето. Фернандо Морено, шпански психолог, ќе разговара за „животните лекции“ на кои шахот може да нѐ научи. Ќе биде прикажана проекција на дискусијата на Јудит Полгар и на Ерне Рубик, каде што ќе се појави сосема нова идеја за образовните системи базирани на креативни енергии.
– Ми беше сон да создадам форум што ќе стане дом за меѓународни дискусии околу шахот и образованието, форум што прикажува како играта може да се вклучи во училишните предмети и да ги извлекува силите на децата на површина. Едукативниот шаховски самит е и културно патување, кое покажува колку е живописен начинот на кој размислуваме за ова низ целиот свет – рече Полгар.


Шахот позитивно влијае врз студиите и кариерата

Спроведена е анкета за да се откријат врските помеѓу шахот и СТЕМ-образованието (наука, технологија, инженерство и математика) под покровителство на Глобалниот шаховски фестивал, со над 650 учесници, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница. Оние што учествуваа во истражувањето, главно студенти, дадоа детален увид во шахот и неговата важност за СТЕМ. Речиси половина од учесниците (45 отсто) тврдат дека играат шах за да ги развијат своите логички вештини, но многумина се одлучија за шах за предизвикот и за натпреварувањето. Повеќе од две третини од учесниците во анкетата сметаат дека шахот ги развива нивните стратегиски способности за размислување и многумина мислат дека тоа има мошне позитивно влијание врз нивните вештини за донесување одлуки и нивните способности да ги препознаат и анализираат обрасците. Анкетата, исто така, заклучи дека за мнозинството учесници (72 отсто) нема разлика помеѓу компетенциите на мажите и жените кога станува збор за шахот.