Изминатиот викенд на Охридско Езеро беа одржани вкупно 21 трка, беше одржан и конгрес на Балканската веслачка асоцијација, на кој е решено следното Балканско првенство да се одржи в година во БиХ

ВЕСЛАЊЕ

Во Струга изминатиов викенд во организација на Веслачката федерација на Македонија (ВФМ), а техничка на веслачкиот клуб Црн Дрим од Струга, потпомогната од Балканската веслачка асоцијација, Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Македонскиот олимписки комитет (МОК), се одржа првото Балканско првенство за кадети и јуниори. Во одлична организација се одржаа вкупно 21 трка, а настапија повеќе од 300 веслачи од седум држави, и тоа од Македонија, Србија, БиХ, Романија, Турција, Грција и од Бугарија. Првенството за отворено го прогласи претседателот на ВФМ, Здравко Голабоски.
Најуспешна држава на Балканијадата е Турција со осум златни медали, а втора е Грција со седум најсјајни медали. Следуваат Грција, Србија, Бугарија, Македонија и БиХ. Во текот на шампионатот се одржа и конгрес со реизбор на Балканската веслачка асоцијација, на кој беше одлучено следниот ваков балкански шампионат да се одржи во Вишеград (БиХ) во 2022 година.

Медалите на најуспешните им беа доделени од страна на претседателите и генералните секретари на сите земјите-учеснички, на чело со генералниот секретар на Балканската веслачка асоцијација, Романецот Дорин Алупеи. Медали, исто така, доделија и претседателот на МОК, Даниел Димевски, спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, претседателот на организацискиот одбор на шампионатот, Игор Скепароски, генералниот секретар на ВФМ, Деспот Казанџиевски, вишиот советник во капетанија, Зоран Жупаноски, официјалниот доктор на шампионатот, Зоран Костојчиноски, селекторот на македонската репрезентација, Марјан Влаќески, како и членовите на Управниот одбор на ВФМ, Коста Хиохи, Цветко Мариноски и Ѓорѓи Нестороски.
Покрај натпреварувачкиот карактер, Балканскиот шампионат секако придонесе уште повеќе и за развојот на веслачкиот спорт во Македонија, а наедно и го круниса речиси 90-годишното постоење на веслачкиот спорт во Македонија.