За Жермен тоа е прв подиум во кариерата на СП. Второпласираната Шифрин задоцни за 57 стотинки, а бронзата ја освои Германката Диер со 69 стотинки зад победничката. За Шифрин ова беше трет медал од СП 2023 и има вкупно 14 медали од мундијалите

АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СП 2023
Сензационален триумф на Сен Жермен во слалом

Канадската скијачка Лоренс Сен Жермен (28) приреди големо изненадување на Светското првенство (СП) во алпско скијање во француските скијачки центри, Мерибел и Куршевел, освојувајќи го златниот медал во слалом пред фаворизираната Американката Микаела Шифрин, која беше водечка по првата трка. За Жермен тоа е прв подиум во кариерата на СП. Второпласираната Шифрин задоцни за 57 стотинки, а бронзата ја освои Германката Лена Диер, со 69 стотинки зад победничката.
За Шифрин (27) ова беше трет медал од СП 2023, откако освои злато во велеслалом и сребро во супервелеслалом, со што има вкупно 14 медали од светските првенства (седум златни, четири сребрени и три бронзени). Шифрин има и најмногу победи (85) во историјата на Светскиот куп (СК) за жени и 134 пати била на подиумот, а двапати и олимписка шампионка. Во СК триумфирала четири пати (2017, 2018, 2019, 2022).
Единствената македонска претставничка на СП 2023, Јана Атанасовска (16), како и во велеслаломската трка не успеа да оствари пласман, откако не го заврши првото возење.
Во машкиот велеслалом, Швајцарецот Марко Одермат стана нов светски првак, среброто го освои неговиот сонародник Лоик Меилар, а бронзата Австриецот Марко Шварц, за кого ова беше втор медал на СП. Македонецот Мирко Лазарески не успеа да го заврши првото возење. Македонските претставници во квалификациите за вчерашниот слалом, Дардан Дехари, Виктор Петков и Мирко Лазарески, не го завршија првото возење, а Јаков Добрески второто.
СП 2023 заврши вчера со машката слаломска трка. Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ПОБЕДИ ВО СК, СП И НА ЗОИ
Шифрин го престигна Стенмарк

Микаела Шифрин е на една победа до рекордот на Ингемар Стенмарк во триумфи на трки од Светскиот куп (СК) во алпско скијање, но Американката со освојувањето на златниот медал во велеслаломот на Светското првенство (СП) во Куршевел и во Меирбел (Франција) го престигна Швеѓанецот во триумфи на трите најголеми скијачки натпреварувања, СК, СП и на зимски олимписки игри (ЗОИ). Така, Шифрин сега има вкупно 94 победи во кариерата, и тоа 85 во Светскиот куп, седум на мундијалите и две на ЗОИ, а Стенмарк забележа 93 триумфа, од тоа 86 во СК, пет на СП и две на ЗОИ.
Во вкупниот број пласмани на подиумот (први три места) на трки од СК, СП и на ЗОИ Стенмарк има 165 (155-7-3), а Шифрин засега има 151 (134-14-3). Во категоријата за освоени кристални глобуси (трофеи за титули во Светскиот куп во една сезона, по дисциплини или во вкупен пласман) Стенмарк има 19, и тоа три големи за триумф во генерален пласман, а по осум мали кристални глобуси, за титули во една сезона во слалом и во велеслалом. Шифрин засега има 13, и тоа четири големи и девет мали кристални глобуси (седум во слалом и по еден во велеслалом и во супервелеслалом) итн. Н.М.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП ВО РОМАНИЈА
Велингер победи со само 0,2 поени предност

Германскиот скијач скокач Андреас Велингер победи на натпреварување во Светскиот куп (СК) одржано во Рашнов (Романија), со должина на скокови од 94 и 99 метри и вкупно 240,4 освоени поени. Второто место му припадна на Словенецот Жига Јелар (91,5 и 98,5 м) и со само 0,2 поени заостанување зад Велингер, а Германецот Карл Гајгер е трет (91 и 99 м), со 237,9 освоени поени.
Голем број репрезентации беа ослабени во Романија, оти од утре до 5 март на Планица (Словенија) ќе се одржи Светското првенство (СП) во нордиско скијање. На врвот на СК нема промени, па така, на лидерската позиција остана Норвежанецот Халвор Егнер Гранеруд со 1.652 бода, втор е Полјакот Давид Кубацки со 1.359, а на третото место е Словенецот Анже Ланишек со 1.096 бода.
Вчера во Рашнов на програмата беше суперекипниот натпревар, каде што настапуваат по двајца скокачи за секоја репрезентација. Г.И.