КОШАРКА – ПРВОЛИГАШИТЕ ПОЧНУВААТ НА 8 ОКТОМВРИ
Во првото коло „суперкуп-меч“ МЗТ Скопје – ТФТ

На првата седница на Здружението на прволигашите, на која присуствуваа и претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ, генералниот секретар Владимир Георгиевски и спортскиот директор Марјан Србиновски, беа утврдени системот и календарот на натпреварувања за сезоната 2022/2023.
На состанокот, претставниците на клубовите од Првата лига – мажи го избраа претставникот на КК Гостивар, Стојмир Дејаноски, за нов претседател на Здружението на прволигашите. Прволигашките клубови се согласија и да има промена во времетраењето на преодниот рок, кој во претстојната натпреварувачка сезона ќе биде затворен заклучно со 1 март, а финансиските обврски кон КФМ да бидат намирени пред почетокот на новата сезона во прволигашкото натпреварување.
Беа одредени и натпреварувачките броеви на 12-те клуба и учесниците во најквалитетното кошаркарско натпреварување, а во согласност со Бергер-системот се формирани и двојките за првото натпреварувачко коло, кое ќе се одигра на 8 октомври, а веќе на почетокот е дерби-дуелот помеѓу шампионот МЗТ Скопје и освојувачот на Купот на Македонија, екипата на ТФТ.
Двојки прво коло: Куманово 2009 – Чаир 2030, Академија ФМП – Кожув, Гостивар – Пелистер, Струмица – Еуро Никел 2005, ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром, Работнички – Феникс 2010. Г.И.


ФУДБАЛ

Атертон e најмладиот фудбалер во Велика Британија

Кристофер Атертон, тинејџерот од Гленавон и ученик од Северна Ирска, го собори рекордот за најмлад фудбалер што настапил во сениорска конкуренција во Велика Британија, на возраст од само 13 години и 329 дена.
Атертон влезе во игра во второто полувреме на мечот Гленавон – Долингстаун (6-0) во Лига-купот и асистираше при постигнувањето на шестиот гол.
Атертон го собори претходниот рекорд стар 42 години, поставен од Имон Колинс, кој дебитира за Блекпул на 9 септември 1980 година, на возраст од 14 години и 323 дена. Л.Д.


ФУДБАЛ

Еквадор е пред исклучување од СП во Катар?

Репрезентацијата на Еквадор е пред исклучување од завршниот турнир на Светското првенство (СП) во фудбал во Катар. Една од причините е „случајот“ со Бајрон Кастилјо за кој Апелациската комисија на Светската фудбалска федерација (ФИФА) треба да расправа утре.
Откако Еквадор си обезбеди место на СП, фудбалска асоцијација на Чиле во април се жалеше до ФИФА, тврдејќи дека Кастилјо користел лажен извод од матичната книга на родените и дека е илегален имигрант. Чилеанската ФА тврди дека тој е роден во Колумбија во 1995 година, наместо во Еквадор во 1998 година како што стои во неговите документи и оти, всушност, е Колумбиец.
Епилогот на ова би можело да биде исфрлање на Еквадор од завршниот турнир на СП, кој треба да започне на 20 ноември и да заврши на 18 декември. Еквадор може да го снајде судбината на неколку други земји на кои ФИФА од разноразни причини им забрани да настапат во завршниците на СП. Л.Д.