Ивановски сезонава постави дури девет национални рекорди во шест различни дисциплини. Во женска конкуренција на 10-те км триумфира Поп Арсова. Двајцата минатиот месец беа првите македонски претставници што победија на Скопскиот маратон, со нови национални рекорди
Дарио Ивановски, најдобриот македонски атлетичар, член на Атлетскиот клуб Делта од Скопје, го израмни личниот, наедно и рекорд на Македонија, на 10 километри на пат (29,58 минути), на државното првенство што се одржа вчера во Гевгелија, првпат. Рекордното време на оваа делница Ивановски го истрча во јуни годинава во Скопје.
Ивановски (24) зад себе има сезона како што само може да се посака. Тој постави дури девет национални рекорди во шест различни дисциплини, на отворено и во сала, и тоа на 1.500 метри, потоа на три, пет и на 10 километри, како и во полумаратон и во маратон.
Во женска конкуренција на 10-те км триумфира Адријана Поп Арсова (време 35,59 секунди), исто така, членка на АК Делта. Таа е актуелна државна рекордерка во оваа дисциплина со време од 35,07 минути, од јуни годинава во Скопје.
Ивановски и Поп Арсова минатиот месец беа првите македонски претставници што победија на атлетскиот Скопски маратон, со нови национални рекорди. Л.Д.