Иако беше најавен за викендов, годинашниот, традиционален 53-ти Илинденски кајак-слалом (ИКАС) на реката Треска, на Матка, покрај Скопје, е одложен за 22 и 23 мај.
– Причина за одложувањето се најновите мерки на Владата во врска со пандемијата на коронавирусот во Македонија. Инаку, во Скопје веќе пристигнаа повеќето кајакари од странство, патеката на Треска беше подготвена, но мораме да ја прифатиме одлуката и да се надеваме дека ИКАС, кој лани беше откажан, годинава, сепак, ќе се одржи во мај и оти повеќедецениската традиција што беше прекината ќе продолжи што ни беше главната намера во оваа ситуација – вели директорот на трката Коста Ефремов.
На ИКАС, кој првпат се одржа во 1969 година, требаше да настапат околу 40 кајакар(к)и од Србија, БиХ, Турција, Грција и од Македонија, во дисциплините К1 и Ц1. ИКАС е втора најстара манифестација од ваков вид во Европа, по онаа во Липтовски Микулаш, во Словачка. Л.Д.