Во драматичен и неизвесен натпревар, Вардар на гости го победи Еурофарм Пелистер со 35-34 со гол постигнат во последната секунда
Ракометарите на Вардар извојуваа минималнa, но значајна победа со 35-34 во Битола над шампионот Еурофарм Пелистер и со тоа ја имаат пол-позицијата во битката за шампионската титулата во плејофот на македонската Суперлига. Во драматичен и неизвесен натпревар, особено во финишот, победникот беше решен во последната секунда со голот на украинскиот интернационалец, левиот бек Дмитро Хориха. Оваа победа на црвено-црните може да се покаже и решавачка во следните пет кола од плејофот.
Младен Крсманчиќ кај Вардар беше прв стрелец со 11 гола, Хориха постигна седум, исто толку впиша и Вуко Борозан, додека кај битолчани, Дејан Манасков погоди 10 пати, а Филип Кузмановски девет пати ја затресе противничката мрежа.
Вардарци со овој триумф во Битола моментно имаат 12 бода и се на првото место на табелата со пет победи од пет натпревари, но и со најдобра гол-разлика од плус 30. Еурофарм Пелистер е втор со четири победи 11 бода, еден помалку и гол-разлика од плус 21. Трет е Алкалоид со три победи, осум бода и гол-разлика од плус осум. Но и покрај ваквиот распоред на табелата, титулата многу веројатно е дела ќе се решава во Скопје во последното коло од плејофот, кога ќе играат Вардар и Еурофарм Пелистер. Во следното, шесто коло, се среќаваат: Пелистер – Тиквеш, Алкалоид – Вардар и Охрид – Бутел. Г.И.