Фото: Маја Јаневска-Илиева

На шампионатот во Полска и во Шведска ќе настапат и актуелните прваци на Европа, Шведска, и на светот, Данска, како и многу други силни репрезентации и еден дебитант, Белгија

РАКОМЕТ

Македонската репрезентација денеска игра со Хрватска, а утре со Израел на турнирот „Кроација куп“ во Пореч, во пресрет на Светското првенство во ракомет во Шведска и во Полска. Македонија е во група со Норвешка, Холандија и со Аргентина. Тоа е една од најинтересните групи, во која ќе настапат три европски селекции и една од Јужна Америка. Норвешка на СП во 2017 и 2019 беше втора. Македонија, која билетот за СП го обезбеди со победите над Романија и Чешка, е постојано на СП во изминатата деценија, а настапот во Полска и во Шведска ќе биде шести последователен. Холандија немаше лесен пат за пласман на СП, а ќе настапи со вајлд-карта, доделена од ИХФ. Поголемиот број од репрезентативците на Аргентина, која беше последна на ЛОИ во Токио, играат во шпанската лига.
Во другите групи, Шпанија, освојувач на бронзата на минатото СП во 2021 година во Египет, е голем фаворит за првото место во групата А каде што има селекции од три континенти, две европски и по една од Азија и од Јужна Америка. За преостанатите две места што водат во следната фаза ќе играат Црна Гора, Чиле и Иран. Шпанија, за која ова ќе биде 21. учество на СП, триумфира во 2013 и двапати на Европското првенство, во 2018 и во 2020 година. Актуелниот селектор на Шпанија, Жорди Рибера, е селектор од 2016 година. Сепак, Шпанија во однос на претходните учества на Мундијалот ќе настапи со изменет состав. Искусните Виран Морос, Даниел Сармиенто, Хулен Агинагалде и Раул Ентрериос нема да учествуваат оти решија да се повлечат од репрезентацијата. Клучни играчи се голманот Гонзало Перез де Варгас, десниот бек Алекс Душебаев и десното крило Алеиш Гомез.

Во групата Б се три европски репрезентации, Полска, Франција и Словенија, сите освојувачи на медали во претходните 10 години на СП. Во таа група е и Саудиска Арабија. Полска ќе игра без Камил Шипшак, Словенија без Миха Зарабец, Сташ Скубе, Гашпер Маргуч, а Франција без Лук Абало и Мишел Гигу… Европскиот првак Шведска ќе биде фаворит во групата Ц, во која се и стандардниот учесник Бразил, потоа Уругвај и Зелено’ртските Острови.
Во групата Д ќе играат Исланд, Португалија, Унгарија и Јужна Кореја. Унгарија, Исланд и Португалија во последните неколку години често се среќаваат на големите натпреварувања. Сите три европски селекции, плус Холандија, играа во групната фаза на ЕП 2022, на кое Унгарија како домаќин беше елиминирана. И на Мундијалот во јануари ништо нема да биде предвреме познато. Во групата Е, две европски селекции, Германија и Србија, кои често се среќаваа низ текот на годините, ќе се соочат повторно, а во таа група се и по еден претставник од Азија и од Африка, Катар односно Алжир.
Во групата Г се Египет, Мароко, Хрватска и САД. Египет учествувал на 16 СП, а 4-то место во Франција во 2001 година е најдобриот резултат. Селектор е искусниот Шпанец Роберто Гарсија Парондо. САД имаат шест учества на СП, без победа. Хрватска последниот медал на СП го освои во 2013 кога беше трета. Мароко на Мундијалот ќе го има седмото учество на СП.
Групата Х ја сочинуваат актуелниот светски шампион, репрезентацијата на Данска, која е голем фаворит, потоа дебитантот Белгија, Бахреин и Тунис. Г.И.