Првиот меч со Грција е денеска, од 17 часот (влезот е слободен), а утре е вториот дуел, зад затворени врати

РАКОМЕТ

До почетокот на Европското првенство (ЕП) во ракомет за мажи во Германија (10-28 јануари) остануваат уште неколку дена, а како што се наближува првиот натпревар, Македонија – Франција, така и возбудувањата сѐ повеќе растат, во очекување и на одговорите за тоа кој ќе ја освои титулата, кој ќе биде најкорисен играч, кој ќе биде најефикасен ракометар, кој ќе биде најдобар голман… на ова континентално првенство.
Македонската репрезентација по дводневниот одмор за новогодишните празници, од вторникот повторно е во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што продолжува со подготовките. Црвено-жолтите по успешно одработените подготовки во Стара Пазова (Србија), каде што беше одигран и еден тест-натпревар, кога беше совладана учесничка на претстојното ЕП 2024, селекцијата на Црна Гора со 54-51 (играни се три полувремиња), денеска и утре ќе ги одигра и последните две пријателски средби пред почетокот на шампионатот. Противник повторно ќе биде селекцијата на Грција, која, исто така, ќе настапи на ЕП 2024, но овој пат во Скопје (претходно играа две средби во Солун). Првиот меч е денеска, од 17 часот (влезот е слободен), а утре е вториот дуел, кој, како што е најавено ќе биде зад затворени врати. Во дуелите со Грците во Солун, Македонците забележаа по едно реми (29-29) и победа (23-22).
Македонските ракометари, кои се во силната група А на ЕП 2024 (заедно со Германија, Франција и со Швајцарија), предвидено е да заминат за Германија в понеделник. За репрезентацијата на Македонија ова ќе биде осмо европско првенство, а најдобриот пласман го оствари во 2012 година, кога беше петтопласирана. Титулата на ЕП 2024 ја брани селекцијата на Шведска, која е и најуспешна репрезентација на континенталните првенства, со пет злата и едно сребро. Г.И.