Фото: Игор Бансколиев

Машката репрезентација на Македонија денеска (12.30 ч.) ќе игра за бронзениот медал на годинашните Медитерански игри во Оран, на мечот со Србија, која, како и Македонија, настапува во изменет состав, а во кој има четворица ракометари што играа на сениорското ЕП 2022

МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ

Подмладената машка ракометна репрезентација на Македонија денеска на дуелот со Србија (од 12.30 часот), на Медитеранските игри (МИ) во Оран (Алжир), ќе атакува на бронзениот медал, по поразот во полуфиналето од Египет. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе играат за првиот медал воопшто за Македонија во екипна конкуренција на едни медитерански игри, откако сите досегашни медали, од Игрите во Мерсин во 2013 година, во Тарагона во 2018-та и во Оран годинава, се освоени во поединечна конкуренција (во борење, таеквондо, бокс и во карате). Србија во полуфиналниот дуел загуби од Шпанија, со 38-42.
За освојување на златото ќе се сретнат репрезентациите на Шпанија и на Египет (од 17.30 часот). Египет победи на Медитеранските игри во 2013 година, а Шпанија на Игрите во 2005 година.
Србија на МИ 2022 во групата ги победи Италија, со 34-33, Тунис, со 35-29, и Словенија, со службен резултат 10-0, а загуби од Египет, со 28-35, и го освои второто место во групата А.

Македонија во својата група победи на мечевите со Грција, со 39-21, и со Турција, со 31-22, ремизира со Алжир, 24-24, и загуби од Шпанија, со 22-31, и го освои второто место во групата Б.
И селекцијата на Србија, како и на Македонија, настапува во изменет состав во споредба со сениорското Европско првенство во Унгарија и Словачка годинава. Така, во редовите на Србите на МИ 2022 има четворица ракометари од ЕП 2022, и тоа голманот Милан Бомаштар, левите бекови Марко Милосављевиќ и Урош Борзаш и левото крило Младен Сотиќ.
Во нивните редови досега на МИ 2022 најмногу покажаа левото крило Милош Грозданиќ, десниот бек Милан Милиќ, Милосављевиќ и десното крило Вукашин Воркапиќ. Г.И.