Противниците се многу поискусни и повозрасни, играат во посилни лиги, а настапуваа и во европски купови, но нам, сепак, целта ни е да играме токму против такви екипи, за да може да се надградуваме. На овој турнир битно ни е пред сѐ уигрувањето на екипата, сакаме да стекнеме уште едно големо искуство, кое многу ќе ни користи за она што нѐ очекува на меѓународен и на домашен натпреварувачки план, вели Дамчевска

РАКОМЕТ

Женскиот ракометен клуб Металург, предводен од Јулијана Дамчевска, во настојувањето што подобро да се подготви во следната натпреварувачка сезона, од денеска до недела ќе учествува на меѓународниот турнир во словачкиот град Михаловце. На турнирот, покрај Металург, ќе настапат и домаќинот Јувента, Јагодина од Србија и Јарослав од Полска, а ќе се игра по системот секој со секого. Ракометарките од Автокоманда првиот дуел ќе го играат денеска, против Јагодина (18.15 ч.), утре е натпреварот со Јувента (18.16 ч.), а третиот меч е в недела, со Јарослав.
– На овој турнир битно ни е пред сѐ уигрувањето на екипата, без некои големи амбиции за висок пласман. Едноставно, сакаме да стекнеме уште едно големо искуство, кое многу ќе ни користи за она што нѐ очекува годинава на меѓународен и домашен натпреварувачки план. Во Словачка ќе отсуствуваат само голманката Амра Илјаз и Јана Калајџиевска, која ја нема целосно санирано повредата од минатата сезона. Противниците се екипи што се многу поискусни и повозрасни, играат во посилни лиги, а настапуваа и во европски купови, но нам, сепак, целта ни е да играме токму против вакви екипи за да може да се надградуваме, да видиме до каде сме во таа насока, иако ова уште е почеток на сезоната – вели Дамчевска.
Металург, кој во минатата сезона триумфира во Купот на Македонија, нема да има големи играчки промени во составот и повторно годинава ќе биде во најтесна конкуренција за трофејот во домашниот куп и во трката за првенствената титула.
– ЖРК Металург ги продолжи договорите за уште една сезона со ракометарките Амра Илјаз, Ива Божиновска, Марија Гугуљанова, Ивана Арсениевска, Јана Калајџиевска, Мила Трајковиќ, а за уште две сезони со Ива Младеновска и со Александра Коловска, со можност за ново продолжување – ни изјави претседателката на клубот, Зорица Блажевска.
Годинава, во Европскиот куп, во рамките на второто коло, Металург ќе игра со шампионот на Грција, солунски ПАОК. Првиот дуел се игра на 8 или 9 октомври, а реванш-мечевите се седум дена подоцна. Г.И.


РАСПОРЕД НА МЕЧЕВИТЕ

Металург – Јагодина 18.15 ч.
Металург – Јувента утре, 18.15 ч.
Металург – Јарослав недела, 9.30 ч.