Фото: Маја Јаневска-Илиева

Собирот на македонските репрезентативки е закажан за денеска во 12.30 часот, првиот меч со Украина е в сабота во Скопје, а реваншот е на 11 април во унгарскиот град Кишварда

НЕДЕЛАВА БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА ГОДИНАШНОТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ

Македонската женска сениорска репрезентација предводена од селекторот Љубомир Савевски, денеска во 12.30 часот, во Скопје ќе го има првиот собир, по што ќе следуваат и мини-подготовки пред решавачкиот бараж-двомеч со селекцијата на Украина за пласман на Светското првенство (СП) за ракометарки, што годинава треба првпат да се одржи во три земји, и тоа во Норвешка, Данска и во Шведска.
Првиот дуел ќе се игра во Скопје, в сабота (од 19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“, а реванш-натпреварот, пак, помеѓу овие две репрезентации, поради ситуацијата во Украина ќе се одигра во унгарскиот град Кишварда на 11 април (од 17 часот). Вкупниот победник на двата натпревара ќе се пласира на годинашниот Мундијал. Во баражот има вкупно десет двојки. На годинашното Светско првенство досега од Европа се пласираа домаќините, како и Франција, Црна Гора и Холандија.
Селекторот Савевски првобитно објавениот поширок список на ракометарки го скрати на 20 репрезентативки, на кои ќе смета на овие два натпревара.
Од нив десет се интернационалки (три ракометарки играат во Франција, по две во Романија и во Турција, а по една во Русија, Грција и во Израел), а десет се од домашното првенство (четири настапуваат во Ѓорче Петров Скопје, а по три во Металург и во Вардар). По долга пауза, во репрезентацијата се враќаат Елена Ѓорѓиевска и Ивана Гакидова, но ќе апстинира повредената Симона Маџовска.
Во пресрет на овој бараж-дуел, Македонија одигра две пријателски средби против Турција, на гости, кои минимално ги загуби, но беа испробани некои замислени варијанти.
– Се работи за мошне сериозна и добра репрезентација, која е фаворит во бараж-дуелот со нас за пласман на Светското првенство. Но мислам дека Украина, сепак, беше најдобрата селекција што ја добивме од барабанот, оти ако игравме со Германија или со Холандија ќе немавме никакви шанси, а и на гости ќе играме во Унгарија – вели Савевски.
Македонија досега пет пати настапила на светските првенства, последен пат во 2007 година, во Франција (го освои 12-то место), а најдобриот пласман го оствари на дебито на планетарните шампионати, во 1997 година, во Германија, кога беше на седмото место. Украина, пак, седум пати досега била дел од мундијалите, најдобриот пласман ѝ е четвртото место во 2003 година во Хрватска, а последен пат играла пред 14 години во Кина и ја освоила 17-та позиција. Г.И.


СОСТАВ ЗА БАРАЖОТ

Елена Ѓорѓиевска, Сара Ристовска, Јована Мицевска, Јована Саздовска, Сања Дабевска, Јована Кипријановска, Драгана Петковска, Леонида Гичевска, Моника Јанеска, Ивана Гакидова, Амра Терзиќ, Бојана Диневска, Теодора Дукоска, Ивана Џатевска, Катерина Дамјаноска, Борјана Коцева, Милица Николиќ, Ангела Јанкуловска, Ивана Арсениевска, Ива Младеновска.


ПЛЕЈОФ, ДВОЈКИ

Македонија – Украина
Турција – Србија
Романија – Португалија
Исланд – Унгарија
Полска – Косово
Италија – Словенија
Германија – Грција
Швајцарија – Чешка
Австрија – Шпанија
Словачка – Хрватска

мечевите се од 7 до 12 април


МАКЕДОНИЈА НА СП

1997 г. седмо место
1999 г. осмо место
2001 г. 21. место
2005 г. 15. место
2007 г. 12. место