Илустрација / Архива / Фото: Нова Македонија

Мирно помина гласањето на Бугарите на гласачките места во Македонија. Вчерашните парламентарни избори во Бугарија беа петти по ред во две години, откако и по последните избори ниту една партија и коалиција не успеа да формира влада, поради што Бугарија функционираше со службена влада.

Бугарите во странство вчера гласаа на 737 избирачки места во 61 држава. Во Македонија се гласаше на седум избирачки места – во Скопје, Битола, Струмица, Тетово, Охрид, Кавадарци и Прилеп. Според списоците што ги објави бугарската Централна изборна комисија најмногу пријавени за гласање во Македонија имало во Кавадарци 42, во Прилеп 41, во Тетово 40, во Струмица 22, во Скопје 15, во Битола 9, и ниту еден во Охрид.

Но, бидејќи можеа да гласаат и оние кои не се пријавиле, а и оние кои имаат и времени патни исправи, според бугарски медиуми бројката на пријавени сепак била надмината.

„Најголемиот број гласачи се во Скопје, каде во бугарската амбасада, правото на глас го реализирале 186 лица, малку повеќе од оние што гласаа на изборите во октомври минатата година, кога во Скопје гласаа 172 лица. Во Охрид гласале 65, а во Битола 55 гласачи“, објави 24 часа.

Според весникот, најмалку гласачи (7) го оствариле избирачкото право во Тетово. Бројот на бугарски државјани кои гласале на овие избори во Македонија бил 453, нешто помалку од оние кои гласале на изборите во октомври минатата година (461).